ФИЛИПЧЕ: ДОПОЛНУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ДО 24.03 – ЗАБРАНА НА ЈАВНИ И ПРИВАТНИ СОБИРИ, КАФЕТЕРИИТЕ И РЕСТОРАНИТЕ ДА РАБОТАТ ДО 18 ЧАСОТ


На денешната прес-конференција, министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека вчеравечер e разговарано со директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге по прогласувањето пандемија од корона вирус –  мерките се преземаат во консултација со СЗО.

-Од деветте пациенти на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, шест се во стабилна состојба. Кај тројца од нив има лесно влошување на состојбата, што значи дека имаат нешто поотежнато дишење, се уште не е потребна респираторна поддршка, меѓутоа се интензивира терапијата. Тројцата пациенти се во повозрасна категорија – сите тројца се над 65/66 години. Во текот на ноќта немаше тестирано пациенти, утрово е јавен еден пациент, кој на 7 март дошол здрав од Германија, заради висока температура, денеска се јавил на Инфективната клиника. Ги очекуваме резултатите, земен е материјал, потенцираше министерот Филипче и додаде дека ќе биде известена јавноста за неговиот резултат и резултатите на сите тие кои беа во изoлација во врска со првата, а на кои им истече 14 дневниот период на изолација.

Во текот на вчерашниот ден беше назначена нова директорка на Клиниката за дерматвенерологија. Сите  колеги, лекари, пациенти коишто беа во контакт со претходната директорка – имаат контакт со епидемиолозите и во моментов нема од нив никој знаци на заболување.

-Утрово на редовниот состанок на комисијата за заразни болести, на Комитетот за следење на состојбите, разгледавме и низа дополнителни мерки со оглед на тоа што се соочивме со ситуации кои произлегоа од досега пропишаните мерки на Владата, препораки и забрани. Морам да кажам дека имавме и разговори  вчера и со колеги од Италија, коишто укажаа на тоа дека во одредени делови во земјата, пред се во северните делови таму каде што епидемијата почна, дури по воведувањето на јригорозните мерки повеќе нема регистрирано нови случаи, рече министерот Филипче.

Во текот на вчерашниот ден, министерот Филипче побара од претседателот на Владата да свика уште една седница за да се разгледаат следните предлози на Комисијата за заразни болести.

-Прво, забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани. Кафетериите и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот и капацитетот внатре да биде преполовен, значи да се задржи дистанцата од метар и пол до два на луѓето кои престојуваат таму. Да се откажат сите кино-проекции, театарски претстави и концерти. Во разговор со сите јавно здравствени установи се откажуваат сите хронични пациенти чија интервенција може да се одложи, остануваат само итни и неодложни интервенции, а истото важи и за прегледите, изјави министерот Филипче.

Една дополнителна мерка е продолжување на терапијата на хронични пациенти, кои досега требаше да одат на лекар-специјалист. Од следните денови ќе може да го прават и на матичниот лекар, за што Фондот за здравствено осигурување ќе направи измена во правилникот. Ова нема да може да важи за новодијагностицираните пациенти. Тие, сепак, се уште и во овој период за таа терапија ќе мора да одат на лекар специјалист. Претседателот на Владата разговараше со претставници на верските заедници за строго придржување до мерките.

-На крајот сакам да изразам благодарност до волонтерите на Црвениот крст, кои се силна поддршка на сите наши тимови, онаму кадешто побаравме и каде има капацитет излегоа во пресрет. Благодарност до апликацијата „Мој воздух“, која од денеска ги споделува сите активности и иницијативи што ги преземаме. Дозволете согласно прашањата коишто стигнаа и по јавните мрежи и до Министерството за здравство да дадам коментар на уште две работи. Првата е, имаше информација дека се створила паника во Дебар – по проверката заклучивме дека тоа не е точно, градот нормално функционира, но со оглед на тоа што е единственото место кај нас кадешто има кластер на пациенти, меѓу кои има локална трансмисија, зајакнат тим од епидемиолози и инфектолози, денеска и во текот на утрешниот ден, ќе направат подетална епидемиолошка анализа на целото тоа подрачје, потенцираше министерот Филипче.

Во однос на мерките за пуштање на работниците дома, обврските ги презема компанијата, каде работат за овие 14 дена. Сите овие мерки важат до 24.03.

Сподели на:

Related Posts