50 ГОДИНИ ЈУБИЛЕЈ НА МАКЕДОНСКАТА ФИЗИОТЕРАПИЈА

Државниот секретар во Министерството за здравство, д-р Владимир Милошев, денеска се обрати на свечениот настан по повод одбележување 50 години од македонската физиотерапија и работна терапија во Република Македонија, организиран од Здружението на професионални физиотерапевти.
Д-р Милошев истакна дека Министерството за здравство е во постојана комуникација и координација со сите стручни здруженија на здравствени работници, вклучувајќи го и Здружението на професионални физиотерапевти.
Воедно, ги потенцираше превентивните прегледи за рана дијагноза на деформитети на ′рбет кај деца на училишна возраст, како значаен проект на Министерството за здравство во областа на физиотерапијата кој се реализира со средства од Националната програма за јавно здравје за 2018 година.
Овој проект за почеток се спроведува кај деца од училишна возраст (шесто до деветто одделение) во општините Карпош и Центар, и опфаќа прегледи на ′рбет кај децата од доктор физијатар. Доколку се констатира деформитет на ′рбетот, децата ќе бидат вклучени во програмата „Вежби во базен“. Вежбите ќе се спроведуваат под надзор од стручни лица, како што се дипломиран физиотерапевт и наставник по спорт, и целта е да се коригира лошото држење на ′рбетот кај оваа возрасна популација на деца и да се создаде навика за натамошно практикување на истите вежби.
Во рамки на свечениот настан беа доделени благодарници и плакети за досегашниот придонес на пионерите на македонската физиотерапија.

Share This Article :

Related Posts