МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: АКТИВНО РАБОТИМЕ ЗА РЕШАВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ЗГОЛЕМЕНИ ПЛАТИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО ЗА 5%

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче во вчерашната дебата на 1ТВ посочи дека министерството активно работи на конечно решение на сообраќајниот хаос и паркирањето на Клинички центар, со што ќе се олесни движењето помеѓу кампусот, но и ќе се ослободи улицата Водњанска од сообраќаен метеж. Исто така, беше потенцирано и дека Министерството за здравство работи и на нови решенија за поквалитетни услуги за детската кардиохирургија и ин витро фертилизацијата.

Во вчерашната дебата, министерот Филипче информираше дека зголемени се платите во здравството за 5% и додека дека оваа влада направи инвестиција како што никогаш не била направена, со што планираме дополнително зголемување на платите, од јануари следната година, не само за докторите специјалисти, туку на сите здравствени работници во јавното здравство.

Министерот Филипче посочи дека министерството мора и бара начин како да ги подобри услугите за граѓаните, да се даде подобар квалитет, но за истата сума на пари. Предлогот за Јавно-приватно партнерство е едно од можните решенија. Тој вели дека не станува збор за зголемување на трошоците или повеќе давачки за граѓаните, туку за оптимално искористување на средствата.

„Знаеме дека граѓаните се преморени од чекање, дека само нешто се најавува и со години се говори за реформи. И затоа, треба да се направи и нешто што може да даде за многу скоро време видливи резултати. Токму во таа насока се овие најави за физибилити студии, кои сега ги правиме. Некои се започнати, а некои допрва ќе ги започнеме. Целта е да оцениме дали според тој модел на јавно-приватно партнерство, средствата кои секако се вложуваат во здравството, може да бидат поефикасно искористени, а преку тоа пациентите да имат поефективна и поквалитетна здравствена заштита. Не е експериментален потег. Тоа се искуства кои се секако имплементирани во многу развиени земји“, потенцираше Филипче.

Министерот Филипче смета дека овој предлог ќе биде успешен модел за нашето здравство.

„Ние мора да најдеме начин да ги подобриме услугите за граѓаните, да се даде подобар квалитет, но за истата сума на пари. Не станува збор за зголемување на трошоците или повеќе давачки за граѓаните, туку за оптимално искористување на средствата“, изјави министерот Филипче.

Физибилити студиите ќе се презентираат во јавноста и ќе се отвори јавна дебата. Тој одговори дека без податоците од ваквите темелни анализи во моментов не може да се дебатира или да се носат заклучоци и токму затоа и тие се прават.

Сподели на:

Related Posts

јануари 22, 2021

јануари 21, 2021

јануари 21, 2021