БЕСПЛАТНО ЛЕКУВАЊЕ НА ЛИЦАТА ДО 18 ГОДИНИ ОД СЕМЕЈСТВА КОРИСНИЦИ НА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

Лицата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош нема да плаќаат партиципација при користење здравствени услуги.

Оваа одлука вчера на седница ја донесе Владата, а денеска ја образложи министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски ја посетија граѓанската организација „Лил“, која ја покрена иницијативата овие лица да бидат ослободени од плаќање здравствена партиципација.

– Со ова очекуваме да се зголеми достапноста на здравствени услуги и да се поштеди оваа вулнерабилна група од дополнителни финансиски трошоци при остварување на правото за здравствена заштита. Овие млади луѓе бесплатно ќе се лекуваат во сите јавни здравствени установи, специјалистичко консултативни и болнички дејности. Станува збор за програма која ќе ја спроведува Министерството за здравство со која ќе бидат опфатени 20.000 лица и од буџетот се одвоени 20 милиони денари, рече Филипче.

Министерката Царовска истакна дека станува збор за хумана мерка која ќе даде квалитет во живеењето на семејствата приматели на социјална парична помош. Ослободувањето од партиципација за здравствени услуги, болничкото лекување и специјалистичко консултативна дејност, посочи Царовска, се значителна и дополнителна поддршка за семејствата кои примаат социјална парична помош.

– За нас како Влада секое дете е важно и секое дете треба да има право да се развива и расте во здрави и соодветни услови. Знаеме дека социјалната заштита се уште е на едно ранливо ниво заради тоа што наследивме руиниран систем. Но, со овој чекор ние даваме можност да биде остранет еден од социјалните ризици на децата. Со бесплатна здравствена заштита семејствата нема се размислуваат дали да ги однесат на лекар децата, мислејќи прво на парите, а не на здравјето. Со намалувањето на трошоците остануваат повеќе средства за живот, рече Царовска.

Потенцира дека продолжуваме понатаму да го реформираат и здравствениот и социјалниот систем и додаде дека како Влада се посветени на децата и на граѓаните од најранливите групи.

Градоначалникот Наумовски ја поздрави мерката и рече дека преку обезбедување бесплатна здравствена заштита за лицата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош, се решава еден сегмент од социјалната заштита.

Од организацијата „Лил“ ја поздравија одлуката и посочија дека семејствата корисници на социјална помош веќе нема да размислуваат дали да ги однесат своите деца на лекар и дали имаат средства да ја платат здравствената услуга.

Share This Article :

Related Posts