Доделени сертификати за ефективна перинатална грижа на мултидисциплинарни медицински тимови согласно протоколите и стандардите на СЗО

Во рамки на партнерството на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА со Владата на Република Македонија и Министерство за здравство за намалување на мајчината и новороденечка смртност, денеска, на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје беа доделени сертификати од двонеделната обука на мултидисциплинирани тимови од гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки за ефективна перинатална грижа на здравствени работници согласно најновите протоколи и стандарди на Светската здравствена организација.

„Обуката ги имплементира знаењата и методите коишто помагаат во грижата на новороденчето и на мајката, но не како засебна едукација односно посебна за гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки, туку заедничка, бидејќи се она што се случува пред во текот и по раѓањето има импликација по здравјето на новороденчето односно на мајката“, изјави по завршувањето на обуката Елизабета Петковска, неонатолог и обучувач на обуката.

Специфичност на обуката е што се работеше во мултидисциплинарни тимови сочинети од три профили на здравствени работници – гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки за да се стекнат со најновите знаења и вештини базирани на докази, а се состои од теоретски и практичен дел.  Оваа обука, каде учествуваа 24 медицински лица, и сите активности понатаму, имаат за цел периодот пред и околу породување да го направат побезбеден за мајката и новороденчето,  односно грижата за бременоста и породувањето да се базира на еден сеопфатен пристап со акцент дека бременоста и породувањето е важно лично, семејно и социјално искуство.

Средствата за имплементација на ова партнерство се обезбедени со подеднакво учество на Владата на РМ и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), а е во функција на приоритетите на владата и Програмата на УНФПА во нашата држава за периодот 2016-2020.

Обуките на мултидисциплинарни тимови продолжуваат в понеделник (8 октомври) во Тетово каде до 19 октомври ќе се одржува двонеделна обука за ефективна перинатална грижа на мултидисциплинарни тимови на здравствени работници од Клиничката болница во Тетово.

Во рамки на Договорот, покрај обуките, се предвидува интензивна комплементарна поддршка која ќе се состои од менторство при спроведување на стекнатите знаења од обуката а се однесуваат на перинатална грижа, адаптација и примена на протоколи, акредитација на материјали за обука кои ќе се вклучат во континуираната медицинска едукација на гинеколозите, неонатолозите и акушерките како и јакнење на свеста кај жените и нивните семејства за знаците за опасност во текот на бременоста и породувањето.

Сподели на:

Related Posts