ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР, Д-Р МИЛОШЕВ СЕ ОБРАТИ НА КОНГРЕС НА МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА ИСТОРИЈА НА МЕДИЦИНАТА

Државниот секретар во Министерството за здравство, д-р Владимир Милошев,  се обрати на свеченото отворање на VI конгрес за историја на медицината со меѓународно учество, во организација на Македонската асоцијација за историја на медицината.
Д-р Милошев ги поздрави организаторите, учесниците и предавачите на конгресот од кои дел доаѓаат од странство, со цел да се осврнат на историјата на развојот на медицинските области во повеќе земји.
Во своето обраќање, д-р Милошев истакна дека Министерството за здравство е фокусирано на зајакнување на капацитетите во јавните здравствени установи, а особено на зајакнување на кадарот во сите медицински области.
Само во изминатава година вработени се околу 2000 здравствени работници низ целата земја, а паралелно на тоа, Министерството за здравство е посветено на континуираната медицинска едукација која претставува еден од основните чинители на професионален развој и надградба на здравствените работници.
– За дополнителна мотивација на вработените во здравството, направивме значителни напори за зголемување на платата на здравствените работници од јануари 2019 година. Ваква инвестиција во платите не се случила со години наназад. Исто така, од годинава се зголемени дневниците за дежурства на докторите и медицинските сестри, се зголемија и платите, а годинава првпат се обезбедени и пари за плати на приватните специјализанти. Веруваме дека тоа во значителна мера ја подобрува положбата на сите вработени во здравствениот систем и на долг рок придонесуваме кон помотивирани здравствени работници и обезбедување поквалитетни здравствени услуги, посочи д-р Милошев, а воедно истакна дека само со пренесување на знаењата, вештините и искуствата на врвните доктори низ историјата можеме да ги изградиме сегашните и идни генерации доктори и здравствени работници кои заеднички ќе го унапредуваат здравствениот систем.

Сподели на:

Related Posts