ЕВРОПСКА НЕДЕЛА ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА

Во Министерството за здравство се одржа прес конференција по повод одбележување Европска недела за превенција од рак на грло на матка, што годинава се одбележува во периодот од 28 јануари, до 03. февруари.

-Министерството за здравство е посветено на континуирано унапредување на превенцијата од ова заболување и токму со цел рана превенција, а истовремено и зголемување на јавната свест за ова заболување, и оваа година во рамки на Програмата за малигни заболувања спроведува организиран скрининг низ целата држава, посочи министерот за здравство, д-р Венко Филипче, потенцирајќи дека новина на која работи МЗ, заедно со Управата за електронско здравство е изготвување интегриран електронски систем за водење на скринингот. Во моментот се работи на дефинирање обрасци, со специфични податоци, кои треба да ги пополнуваат гинеколозите, како што се образец за цитолошка анализа и наод на ПАП тест, образец за хистопатолошка анализа и наод и образец за ХПВ тест и наод.

Во Програмата за малигни заболувања за 2018 година се предвидени средства за изработка посебен софтвер за поврзување на матичните гинеколози со лабораториите каде се испитуваат ПАП тестовите, со што секој матичен гинеколог ќе има увид во резултатите од направениот ПАП тест. На овој начин, комплетно се заокружува системот за гинеколошко-акушерска историја со сите податоци.
Во рамки на организираниот скрининг во 2017 година превентивно се прегледани 27.137 жени на возраст од 46 до 60 години, како и возрасните групи кои не направиле ПАП во 2016 година. Од сите прегледани жени преку скринингот, кај 87.4% се добиени негативни резултати, додека кај 13% од жените се добиени позитивни резултати, најчести се ХПВ инфекции и ЦИН 1 во почетна фаза и сите овие жени се упатени на дополнителни испитувања.

Во текот на оваа година, со скринингот се опфатени жените на возраст од 24 до 35 години, како и возрасни групи кои претходно не направиле ваков преглед.
Апел до сите жени да прават редовни гинеколошки прегледи – овој тип на карцином може да се превенира и доколку се открие во почетна фаза може да се излекува.

 

Share This Article :

Related Posts