ФИЛИПЧЕ: ДА СЕ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ И ПРОТОКОЛИТЕ-ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ДА ДАДАТ ПРИМЕР КАКО СЕ ШТИТИ ЗДРАВЈЕТО НА ГРАЃАНИТЕ

На вчерашната прес конференција, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче упати апел до сите граѓани, но и до политичките партии за целосно и безусловно почитување на мерките за заштита од понатамошно ширење на коронавирусот.

Тој потенцираше дека епидемијата е се уште во полн ек, а состојбата во регионот укажува на тоа дека практично во сите земји има пораст на случаите, што води до заклучок дека вирусот е тука и ќе мора да продолжиме да живееме со него. Да се навикнеме на правилата за лична заштита бидејќи по тие правила ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната.

-Ние четири месеци сме во борба со коронавирусот, направивме многу да одговориме на овој светски здравствен предизвик, а тоа ќе го правиме и понатаму. Кога се појави првиот случај на заразен, во земјава имаше малку болнички места предвидени за ваков тип пациенти што, со целокупната активност која ја спроведовме во изминатиот период, го надополнивме, и опрема има сосем доволно. Здравствените работници се целосно мобилизирани и практично деноноќно и непрекинато работат од првиот ден на кризата. Тие направија и прават се што можат најдобро да го заштитат населението, но не смееме да дозволиме со непочитување на мерките да го деградираме трудот на сите кои деноноќно се во првите борбени линии, потенцираше министерот Филипче и посочи дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација, а додека вирусот е тука меѓу нас, мерките кои се воведени мора да се почитуваат.

-Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси, и сите околу нас. Соработката со сите лекари и епидемиолози, давањето точни информации, контакти, е клучно за да се лоцираат сите коишто се во опасност, во спротивно може да предизвикаат дополнителна опасност за околината за ширење на вирусот. Уште повеќе економски оператори почнуваат да работат, но условот секако е тие строго да се придржуваат до донесените протоколи и препораки, затоа се изготвени тие препораки, кои досега ги почитуваат најголем дел од компаниите коишто добија дозвола да работат. Апелирам апсолутно до сите целосно да се почитуваат овие протоколи заради тоа што така ќе се заштитат и клиентите и вработените, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче упати апел до политичките партии и сите актери во изборите.

-Мерките да се почитуваат без исклучок – сите партии да бидат пример со почитување на мерките и да не дозволат кампањата да биде ризик за граѓаните. Од нив се очекува тие да дадат пример како се штити здравјето на граѓаните. Мерките не се тешки, а се исклучително ефикасни и потврдени од многу земји во светот- да се носи заштитна опрема, да се одржува физичката дистанца, да се одржува лична хигиена и да се почитуваат протоколите за работа на економските оператори, рече министерот Филипче.

Share This Article :

Related Posts