ФИЛИПЧЕ: ГРАЃАНИТЕ ДОБИВААТ НОВ МОДЕРЕН КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО ЧЕТИРИ БЛОКА – ПРВИОТ ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕН ВО СЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче во вчерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија најави дека во новиот четиригодишен мандат ќе почне да се гради новиот Клинички центар. Тој истакна дека иако се подобрени условите и се направи реорганизација за подобрување на комуникацијата, сега, при третманот на пациенти со Ковид-19 се видоа недостатоците на поставеноста на клиниките, болниците, посебно во клиничкиот центар, кои физички се оддалечени, што претставува пречка за интегриран тип здравствена услуга и брза размена на стручни лица.

-Брзо се реорганизиравме и во рамки на тоа дури и сообраќајните проблеми се решија во Клиничкиот центар за да се олесни комуникацијата меѓу клиниките. Но, тоа не е трајно решение. Нам ни треба модерна болница. Клинички центар којшто на граѓаните ќе им служи во следните 60-70 години. Ние преземаме и други активности. Реновиравме огромен број одделенија и клиники за да ги подобриме условите. Но, дефинитивно иднината е во нов Клинички центар, изјави Филипче.

Тој посочи дека е почната постапка за изградба на нов Клинички центар, која беше прекината поради изборниот процес и пандемијата со Ковид-19, но сега со стабилизација на ситуацијата, изградбата на Клиничкиот центар ќе почне постапно. Филипче изјави дека планира првиот од четирите блока на новиот Клинички центар да биде завршен во наредните четири години.

-Постапката практично започна. Ние ја прекинавме поради изборниот процес, коронакризата и сега треба да продолжи. Предлогот и концептот се Клиничкиот центар да биде во четири блока. Верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Тоа ќе овозможи дел од сегашните клиники да се преселат и да почнат со работа. Како ќе бидат завршени следните блокови ќе се празнат и клиниките според стратегијата, потенцираше министерот Филипче, и дополни дека едни од најкритичните и тие на кои им треба многу внимание се клиниките каде има операциони сали и интензивна нега. Што значи дека први би се преселиле хируршките клиники и операционите сали, и сè што е поврзано со хируршка интервенција.

Во однос на финансирањето, Филипче посочи дека сè уште се работи на финансискиот модел и проценката е дека ќе чини околу 450 милиони евра.

-Проценката е дека ќе чини околу 450 милиони евра, нешто што сметам дека ќе биде одлична финансиска инјекција и за севкупната економија. Веќе се почнати проектите, дел се и завршени во општината Ѓорче Петров за локалната инфраструктура, локален пат, струја, водовод итн. Така што, сметам дека ќе биде навистина значајна инвестиција генерално за нашата економија, истакна Филипче.

Сподели на:

Related Posts

јануари 22, 2021

јануари 21, 2021

јануари 21, 2021