ФИЛИПЧЕ: ПО 50 ГОДИНИ ИЗГРАДЕН ПОСЕБЕН ВЛЕЗ ЗА ВОЗИЛАТА НА ИТНАТА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР И ТРОЈНО ЗГОЛЕМЕН КАПАЦИТЕТОТ ЗА ПАРКИРАЊЕ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денеска, направија обиколка на клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ од главниот влез на кампусот, каде, со поддршка на Владата на Република Северна Македонија е извршена реконструкција на јавните површини со цел непречено укажување на здравствени услуги, пренесување и транспорт на заболени пациенти од КОВИД – 19 и функционирање на останатите клиники во услови на зголемен обем на работа за време на вонредната состојба.

„После повеќе од 50 години имаме посебен влез за возилата на Итната медицинска помош до Ургентниот центар на Хирургија, нов паркинг до зградата на Клиниката за гинекологија и акушерство на местото каде што беше старата гинеколошка клиника и нови улички кои ги спојуваат веќе постојните улици, со што очекуваме да се намали метежот во клиничкиот кампус, но и на улицата стара Водњанска, што мислам дека е една значајна придобивка. Дополнително на сето ова, овозможуваме многу полесно движење на пациентите низ клиничкиот кампус, полесно движење на интерклиничкото возило и посебни патеки за движење на пациентите со колички, било да се тоа седечки или лежечки пациенти“ – истакна министерот Филипче.

Министерот Филипче информираше дека во следната фаза ќе се работи на уште неколку влезови и излези, како и уште еден паркинг кај Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби околу мобилната болница, со што целосно ќе се смени сликата и ќе се олесни функционирањето на клиничкиот центар.

„Градот Скопје, во соработка со Министерството за здравство веќе месец и пол-два активно работи во кампусот на клиничкиот центар и веќе се сериозно видливи измените кои се инфраструктурно направени, како што се посебниот влез за возилата на Итната медицинска помош, се изработи и нов влез кај Инфективната клиника, се шират влезовите кон Стоматолошката клиника, а работиме и на проширување на улицата над Клиничкиот центар од каде што кај кардиологија ќе изработиме и посебен-четврт влез, со кој во целост ќе го олесниме влегувањето и излегувањето од клиничкиот центар“ – посочи градоначалникот Шилегов.

Воедно, градоначалникот истакна дека со овој проект се овозможени три вида сообраќај низ кампусот на клинички центар – болничкиот, издвоен од пешачкиот и од автомобилскиот, согласно современите стандарди. Со целосното завршување, капацитетот за паркирање на клиничкиот центар ќе се зголеми од досегашните шест на дваесет илјади метри квадратни, што значи тројно ќе се зголемат капацитетите за паркирање.

Сподели на:

Related Posts