ФИЛИПЧЕ: СОСТОЈБАТА НА ДВАЈЦАТА ПАЦИЕНТИ СО КОРОНА ВИРУС Е СТАБИЛНА, ВЕЧЕРВА ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСЕНИ НА КЛИНИКАТА ЗА ИНФЕКТИВНИ БОЛЕСТИ И ФЕБРИЛНИ СОСТОЈБИ ВО СКОПЈЕ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше дека двата нови дијагностицирани пациенти позитивни на корона вирус се двајца сопружници од Дебар коишто во нашата земја стигнале од Бреша, Северна Италија на 27 февруари.

Нивната состојба е стабилна, имаат лесна клиничка слика, лесна форма на горно респираторна инфекција, односно на грип.

Вечерва, пациентите ќе бидат пренесени со специјалниот транспорт на Здравствен дом Скопје на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде што дежурната екипа е спремна да ги пречека.

„По влезот во државата, од автобусот се симнувале патници во Куманово, Скопје и Дебар. Тие немале никакви симптоми и за првпат со сосем лесни симптоми се јавиле на 2 март на матичниот лекар којшто не препознал индикации да се направи тестот за корона вирусот и ги пратил на домашно лекување, за да денеска се јават во болницата во Дебар кадешто доаѓа инфектолог од Гостивар. Тука е поставена индикацијата согласно симптомите коишто се развиле во текот на вчерашниот ден, земени се брисеви и денеска беа направени тестовите. За време на престојот дома, двајцата пациенти укажуваат дека имале контакт само со братот на жената. Денеска веќе во попладневниве часови се прави интервју од страна на епидемиолозите за да се оцени дали е потребно да биде ставен во изолација тој човек или и членовите на неговото семејство“, потенцираше министерот Филипче.

Преку Министерството за внатрешни работи веќе се најдени имињата, матичните броеви на сите патници во автобусот којшто влегол на 27 февруари.

„Во овој момент се прави идентификација: местата на живеење, веќе од вечерва и во текот на утрешниот ден, патниците после идентификувањето, нивното лоцирање коешто епидемиолозите ќе го направат заедно со припадници на Министерството за внатрешни работи ќе бидат интервјуирани и согласно податоците коишто ќе ги дадат, согласно нивната здравствена состојба, анализа на контактите коишто тие ги имале, ќе бидат преземени соодветни мерки за кои подетално ќе ве информирам во текот на утрешниот ден откако сите контакти, податоци и интервјуа ќе бидат завршени. Вечерва пациентите ќе бидат пренесени со специјалниот транспорт на Здравствен дом Скопје во инфективната Клиника каде што дежурната екипа е спремна да ги пречека“, изјави министерот Филипче.

Share This Article :

Related Posts