СЗО ДОНИРАШЕ ТРИ БИОСЕЈФТИ КАБИНЕТИ ЗА ИНСТИТУТОТ ПО СУДСКА МЕДИЦИНА И ИНСТИТУТОТ ЗА МИКРОБИОЛОГИЈА

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Северна Македонија, Џихан Тавилах и деканката на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Соња Топузовска, денеска беа во посета на Институтот за судска медицина по повод донација на биосејфти кабинети од СЗО.

Министерот Филипче истакна дека Светската здравствена организација се покажа како еден од најсериозните и најголеми партнери од почетокот на ковид кризата, како и во претходниот период на други полиња на соработка.

-СЗО беше институцијата од којашто на глобално ниво доаѓаа првите сознанија со вирусот, начинот на ширење, препораките, превентивните мерки и ова сега е еден сегмент на соработка кој значи сериозно зајакнување на лабораториските капацитети. Денешната донација се состои од три биосејфти кабинети. Два кабинета се наменети за Институтот за микробиологија и еден за Институтот за судска медицина. Ова е една значајна поддршка за Медицинскиот факултет, со што се одделува работата од форензиката со делот на дијагностика на коронавирусот, нешто што е многу значајно, посебно за работата на Институтот за судска медицина, потенцираше Филипче и додаде дека ова претставува зајакнување на дијагностичките, лабораториските капацитети во делот на идентификување на коронавирусот на Медицинскиот факултет во Скопје.

Шефицата на канцеларијата на Светската здравствена организација во земјата Џихан Тавилах истакна дека СЗО има блиска соработка со Министерството за здравство во соодветниот одговор на кризата на ниво на целата земја.

-Горди сме што поддршката која ја дава СЗО не е поддршка само за моменталната ситуација која се однесува на кризата со КОВИД-19, туку долгорочно гледано, поддршка со современа технологија и поддршка за развој на капацитетите на работната сила во областа на здравството во земјата. Уште еднаш би сакала да нагласам дека сме многу горди на соработката со министерот Филипче, медицинскиот факултет во Скопје и сите партнери во земјата, затоа што сме уверени дека одговорот на кризата е навистина силен и оди во добра насока. Тој нема да запре, земајќи предвид дека останува уште многу работа, особено со процесот на вакцинација, рече Тавилах.

Деканката на Медицински факултет, проф. д-р Топузовска се заблагодари на министерот Филипче и шефицата на канцеларијата на СЗО во земјава Тавилах што овозможија факултетот да биде дел од институциите на кои СЗО донира опрема, која е многу значајна во овој момент.

-Се работи за три кабинети со високо ниво на заштита, еден автоматски екстрактор за изолација на вирусна РНК, како и реагенси за три илјади анализи. Оваа опрема ќе овозможи лабораториите на Институтот за судска медицина и на Институтот за микробиологија да го зголемат својот капацитет. Односно, бројот на анализи за детекција на КОВИД-19 на дневна основа. Овие кабинети ќе овозможат високо ниво на заштита на вработените. Опремата во иднина ќе се користи и за други анализи. Со тоа се зголемува капацитетот на Медицинскиот факултет за молекуларната дијагностика, посочи деканката проф. д-р Топузовска.

Сподели на:

Related Posts

јануари 22, 2021

јануари 21, 2021

јануари 21, 2021