ЈАВЕН ПОВИК – ПРОГРАМА ЗА ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ХИВ ИНФЕКЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА 2020 ГОДИНА

Врз основа на член 16 став 2 и став 3 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16 и 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19, 153/19, 180/19 и 275/19 ) и Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 278/2019 од 28.12.2019 година) и Одлуката за спроведување на Јавен повик за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија кои што ќе спроведуваат активности  бр. Министерството за здравство објавува

 

 

Јавен повик

за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија коишто ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 278/2019 од 28.12.2019 “)

 

I Предмет на јавниот повик:

Избор на здруженија и доделување на средства на здруженија на кои што ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Македонија бр. 278/2019 од 28.12.2019 “).

II Договорен орган

Министерство за здравство, со седиште на адреса: ул. „50 Дивизија“ бр.6, 1000 Скопје, телефон 02/3125-044 локал 125, веб-страна www.moh.gov.mk

Лице за контакт кај договорниот орган – Елена Ристоска , телефон +389 2 3 11 25 00, факс +389 2 3 11 30 14, електронска пошта elena.ristoska@zdravstvo.gov.mk

 

III Времетраење на договорот

Договорите склучени помеѓу Министерство за здравство и избраните здруженија се со важност 12 месеци заклучно со истекот на фискалната 2020 година.

 IV Трошоци кои ќе се финансираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година:

–           Човечки ресурси (надоместоци/плати за лицата кои ќе бидат ангажирани за реализација на програмските активности);

–              Планирање и администрација ( трошоци за сметководствени услуги, набавка на потрошен канцелариски материјал);

–           Режиски трошоци (трошоци за закуп на простор, електрична енергија, водовод и канализација, парно греење,телефон, интернет, одржување на хигиена на простор, трошоци за одржување на веб апликација/интернет страна и други трошоци за одржување на сервисите согласно потребите на здружението);

–              Патни трошоци (регистрација , осигурување и сервис на возило,бензин/нафта/плин, патарини, автобуски превоз, превоз со воз);

–              Набавка на медицински помагала и потрошен медицински материјал за корисниците на услугата;

–              Набавка на хигиенски материјал за корисниците на услугата;

–              Трошоци за реализација на програмски активности во однос на обезбедување на простор,потребни материјали и други трошоци за (oдржување на работилница, обуки, семинари).

 IV Услови за учество на Јавен повик

За да учествуваат во постапката на Јавен повик за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија коишто ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година, заинтересираните здруженија мора да ги исполнуваат следните услови за утврдување на нивната способност и да достават доказ за истите и тоа:

–              Здружението да е регистрирано согласно Законот за здруженија и фондации;

–              Здружението да има активно работење насочено на клучните засегнати популации засегнати од ХИВ (лица кои инјектираат дрога, сексуални работници/-чки, мажи што имаат секс со мажи или лица што живеат со ХИВ) во последните три години;

–              Здружението да има соодветна експертиза и искуство – реализирани најмалку три проекта, односно еден повеќегодишен проект, во вкупно траење не помало од три години за давање стационарни и/или теренски услуги за превенција и поддршка во врска со ХИВ помеѓу клучни популации, самостојно или во партнерство;

–              Да располага со соодветни кадровски ресурси за спроведување на активностите;

–              Министерството за здравство го задржува правото да ја отфрли понудата на здружение  кое покажало значителни или постојани недостатоци во исполнувањето на клучните обврски во претходни договори по Јавен повик склучени со Министерство за здравство, што резултирало со еднострано раскинување на договорот.

Задолжителна документација за учество во Јавен повик

–              Компјутерски пополнет унифициран образец, потпишан од застапникот на здружението и заверен со печат на здружението (на пропишаниот образец кој е составен дел на јавниот повик);

–              Детален финансиски план (доставен како посебен документ);

–              Тековна состојба од Централниот регистар (не постара од 6 месеци);

–              Копија од Статутот на здружението;

–              Програма за работа или стратешка рамка на здружението;

–              Копија од последна завршна сметка (2018 година);

–              Доказ за реализирани најмалку три проекта, односно еден повеќегодишен проект, во вкупно траење не помало од три години за давање стационарни и/или теренски услуги за превенција и поддршка во врска со ХИВ помеѓу клучни популации, самостојно или во партнерство (копија од склучен/-и договор/-и за спроведување на проект и копија од извештаи за реализација)

–              Доказ за исполнување на соодветни кадровски услови: изјава на здружението за ангажиран персонал; професионална биографија на лицата кои ќе бидат ангажирани во реализација на проектот (на пропишаниот формулар кој е составен дел на јавниот повик); 

–              Најмалку едно мислење/референца од партнери или донатори за реализација на претходни проекти;

–              Писмена поддршка од други организации или институции за кои е планирано да земат учество во реализацијата на проектот (доколку проектот се спроведува во партнерство со друга организација/ институција).

  1. V. Вид на активности кои ќе бидат поддржани

Во рамките на овој Јавен повик финансиски ќе бидат поддржани програмски активности во следниве области на делување;

 1 . Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за мажи што имаат секс со мажи (МСМ) во Скопје, Тетово, Охрид, Штип и Струмица

Со овие програми е предвидено да се опфатат со основен пакет на услуга (кондом, лубрикант и едукативен материјал), вкупно 5000 лица од популацијата на мажи што имаат секс со мажи. Активностите кои се финансираат треба да се  насочени кон зголемување на опфатот на оваа целна популација, активности поврзани со функционирање на советувалиште во Скопје: директно советување, преку инфо-линија и веб-портал, психосоцијална поддршка, како и стационарни и теренски услуги од теренски работници и едукации за ХИВ во Скопје, Тетово, Охрид, Штип и Струмица.  Активностите во оваа област треба да вклучуваат и примена на алатки за комуникација, вклучувајќи и иновативни пристапи за поголема мобилизација на припадниците на целната група во користење на услугите за превенција и ХИВ-тестирање. За оваа област на делување се издвоени вкупно 6.000.000,00 денари.

  1. 2. Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за лица кои инјектираат дрога (ЛИД) во Скопје (3), Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Битола, Кавадарци, Струмица, Гевгелија, Прилеп, Штип, Велес и Куманово

 Со овие програми е предвидено да се опфатат со основен пакет на услуга (сет од една игла и еден шприц, кондом и едукативен материјал) вкупно 4500 лица од целната популација,  во рамките на веќе воспоставени програми за намалување на штети од употреба на дроги односно програми за размена на игли и шприцеви, дистрибуција на кондоми и информативно-едукативни материјали, стационарни и теренски услуги од теренски, социјални и медицински работници, едукации за ХИВ, мотивација за третман на зависност и други активности, во вкупно 16:  три во Скопје и по една во 13 други градови и тоа Тетово, Гостивар, Битола, Охрид, Струга, Велес, Кичево, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица, Гевгелија и Куманово. За оваа област на делување издвоени се вкупно 20.079.500,00 денари.

  1. Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за сексуални работници (СР) во Скопје (2), Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица, Гевгелија

Со овие програми е предвидено да се опфатат со основен пакет на услуга (кондом, лубрикант и едукативен материјал) вкупно 1850 лица од целната група, во веќе воспоставените 8 (осум) стационарни и теренски програми со вклучени теренски и социјални работници, пиер едукации и други активности во 7 градови низ Македонија: Скопје (две), Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица и Гевгелија. За оваа област на делување издвоени се вкупно 6.740.500,00 денари.

  1. Позитивна превенција и психосоцијална поддршка кај лица со ХИВ и нивни партнери со превенција кај МСМ

Активностите опфаќаат услуги за превенција фокусирана на лицата што живеат со ХИВ и нивни партнери и за поддршка во рамките на заедницата (врсничко советување, социотерапевтски групи, обуки за позитивна превенција, придружба и помош во пристапот до здравствени услуги и до терапија, помош во домашни или болнички услови, информативно-едукативни материјали); психосоцијална поддршка (советување, покривање на трошоци за пат за подигнување на терапија и за медицинска контрола за ХИВ, доделување помош од основни прехранбени и хигиенски производи, помош на немоќни или хоспитализирани пациенти, поврзување со институции и со услуги на други здруженија); обуки за едукација и сензитивизација на здравствени работници во врска со ХИВ за намалување на дискриминацијата во здравствениот сектор; продуцирање на едукативен материјал; активности за подигнување на јавната свесност, нормализирање на услугите за ХИВ во јавноста и за мобилизирање поголема општествена поддршка. Оваа програма исто така вклучува и опфат на лица од целната популација на мажи што имаат секс со мажи со основен пакет и со ХИВ-тестирање и советување. Со услугите за позитивна превенција и поддршка во рамките на заедницата предвидено е да се опфатат најмалку 80 лица што живеат со ХИВ, од кои барем 30 нови (опфатени по прв пат) и најмалку 150 лица со ХИВ-тестирање и советување. За оваа област на делување издвоени се вкупно 1.700.000,00 денари.

  1. Активности за теренскои стационарно ХИВ тестирање и советување кај клучните популации

Оваа програма вклучува активности поврзани со теренско и стационарно советување и тестирање, спроведувано од две мобилни теренски возила, опремени за таа намена; обезбедување материјали за тестирање, следење на тестирањето и собирање податоци за теренското и стационарното тестирање за ХИВ во сервисите на здруженијата за клучните популации на национално ниво; дистрибуција на кондоми, лубриканти и едукативни и информативни материјали; активности за мобилизација на лица од засегнатите заедници, активности за зголемување на свеста за ХИВ тестирањето и јакнење на капацитетите на давателите на услуги за ХИВ тестирање.  Предвидено е да се опфатат 3200 лица (МСМ – 1500 лица, ЛИД – 800 лица, СР – 900 лица) и други целни групи, млади и други лица кои имале ризик од ХИВ пренос со основен пакет на услуга (пред-тест советување, тестирање со брз тест за ХИВ и пост-тест советување) во Скопје и уште 13 градови низ државата: Тетово, Гостивар, Велес, Кичево, Прилеп, Охрид, Струга, Битола, Кавадарци, Штип, Струмица, Гевгелија и Куманово. Советувањето и тестирањето треба да биде доброволно и доверливо и да биде спроведено од лица кои имаат поминато претходна обука за советување и тестирање за ХИВ. Теренските тимови е потребно да се составени од три лица (советувач, лаборант и лице за контакт со целната група – гејткипер). За оваа област на делување издвоени се вкупно 3.200.000,00 денари.

  1. Психосоцијална поддршка за лица што се лекуваат од зависност од дрога

 Оваа програма вклучува теренска работа во собиралишта и во домовите на лица што користат дрога (советување за намалување на ризично однесување, мотивација за третман или барање на стручна помош во советувалиштето, поделба на информативно-едукативни материјали, кондоми и ваучери за бесплатно ХИВ тестирање); теренска работа за социјални интервенции (посредување и стручна помош при вадење на докумени потребни за здравствено осигурување, социјално осигурување и др.); групи за самопомош; информативна линија (информации и совети по телефон за проблеми поврзани со употреба на дроги, ХИВ, ХЦВ и сексуално преносливи инфекции); доверливо и анонимно советување од стручни лица –психијатри, клинички психолози, психолози и социјални работници; креативни работилници и психосоцијален клуб; шприц патрола (собирање на високо инфективен отпад, превенција на ХИВ и други по крвно/сексуално преносливи инфекции, подигнување на свесноста кај лицата кои инјектираат дрога за овие инфекции и намалување на стигмата). Со услуги за психосоцијална поддршка предвидено е да се опфатат 300 лица кои се лекуваат од зависност од дрога. За оваа област на делување издвоени се вкупно 1.800.000,00 денари.

  1. Активности за дијагноза и третман на СПИ и услуги за сексуално и репродуктивно здравје кај клучните популации и млади лица

Со оваа област ќе се поддржи функционирањето на младинските пријателски сервиси за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) во Скопје и работата на мобилната гинеколошка амбуланта за СРЗ, со кои е планирано да се зголеми достапноста во пристапот до квалитетни услуги за СРЗ помеѓу луѓето од клучните популации (МСМ, ЛИД, СР и на луѓето кои живеат со ХИВ и нивните партнери), млади луѓе , ромки и жени од рурални средини. Преку стационарните и мобилниот сервис за СРЗ ќе се нудат следните услуги: гинеколошки прегледи и советувања (дијагностика на сексуално преносливи инфекции, администрирање на терапија и контрацепција, вагинален и ЕХО преглед и сл.); дерматовенеролошки прегледи (крио терапија, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, администрирање на терапија); ХИВ тестирање и психосоцијални советувања; дистрибуција на кондоми, лубриканти и едукативни и информативни материјали.  Со оваа активност потребно е да се опфатат клиенти од целните групи  : МСМ – 160 лица, СР – 500 лица, ЛИД – 80  и 460 млади луѓе кои ќе направат тестови за СПИ (сифилис, гонореја, хепатитис Б и хепатитис Ц, кламидија и/или трихомонас) и/или гинеколошки преглед (вагинален преглед и ЕХО).Оваа област вклучува и активности за јакнење на капацитетите на давартелите на услуги за СРЗ во младинските пријателски сервиси за СРЗ и работата на мобилната гинеколошка амбуланта. За оваа област на делување издвоени се вкупно 4.700.000,00 денари.

VI Право на учество

Право на учество имаат сите заинтересирани здруженија основани согласно Законот за здруженија и фондации

Заинтересираните здруженија можат да поднесат пријава за една, две или повеќе активности наведени во Точка V од Јавниот повик и тоа:

  1. Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за мажи што имаат секс со мажи (МСМ) во Скопје, Тетово, Охрид, Штип и Струмица
  2. Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за лица кои инјектираат дрога (ЛИД) во Скопје (3), Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Битола, Кавадарци, Струмица, Гевгелија, Прилеп, Штип, Велес и Куманово
  3. Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за сексуални работници (СР) во Скопје (2), Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица, Гевгелија
  4. Позитивна превенција и психосоцијална поддршка кај лица со ХИВ и нивни партнери со превенција кај МСМ
  5. Активности за теренско ХИВ тестирање и советување кај клучните популации
  6. Психосоцијална поддршка за лица што се лекуваат од зависност од дрога
  7. Активности за дијагноза и третман на СПИ и услуги за сексуално и репродуктивно здравје кај клучните популации и млади лица

VII Времетраење на Јавниот повик

Јавниот повик трае 5 (пет) дена од денот на објавувањето во  два весника.

Јавниот повик се објавува  и  на интернет страната на Министерството за здравство www.moh.gov.mk.

VIII Краен рок и место за поднесување на документацијата

Крајниот рок за доставување на потребната документација е до 15 часот на последниот ден на јавниот повик, односно од денот на објавување во двата весника;

Документацијата се поднесува во архивата на Министерство за здравство во затворен коверт, со седиште на ул. „50 Дивизија“ бр.6, 1000 Скопје, со назнака – Пријава за јавен повик за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија кои што ќе спроведуваат активности  утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија бр.278/2019 “).

Документацијата која е поднесена по истекот на крајниот рок за поднесување на понудите, се отфрла како задоцнета и истата ќе биде вратена.

IX Постапка за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија коишто ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија бр.278/2019“), ја спроведува комисија назначена од Министерство за здравство.

Пријавите по јавниот повик се доставуваат во рокот во јавниот повик.

Комисијата ги разгледува само пријавите кои ги исполнуваат условите наведени во Точка V од Јавниот повик.

Пријавите се разгледуваат  во присуство на сите членови на Комисијата.

Изборот на здруженијата ќе биде извршен врз основа на условите утврдени во Јавниот повик.

Сите здруженија кои ќе ги исполнат условите наведени во Јавниот повик по предлог на Комисијата, ќе бидат избрани и со истите ќе се склучат поединечни договори.

Министерството за здравство го задржува правото да ја отфрли понудата на здружение  кое покажало значителни или постојани недостатоци во исполнувањето на клучните обврски во претходни договори по Јавен повик склучени со Министерство за здравство, што резултирало со еднострано раскинување на договорот.

X Начин на известување

Здруженијата учесници на јавниот повик ќе бидат известени во рок од 7 (седум) дена по писмен пат за резултатите од Јавниот повик за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија кои што ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Северна  Македонија бр.278/2019“).

Формуларот за аплицирање, формулар за професионална биографија на ангажираните лица за предлог проектот и формуларот за буџет, се достапни на интернет страната на Министерството за здравство www.moh.gov.mk

За реализација на активностите  обезбедени се средства во износ од 44.220.000,00 денари, обезбедени од Програмата 57 од Буџетска сметка ставка 425.                                                        

                                                                                                                      


Формуларот за аплицирање и формулар за професионална биографија на ангажираните лица за предлог проектот, се достапни на линковите подолу:

  1. Формулар за аплицирање
  2. Формулар за професионална биографија на ангажираните лица за предлог проектот
  3. Формулар за буџет
Сподели на:

Related Posts

јануари 22, 2021

јануари 21, 2021

јануари 21, 2021