ЌE ЈА ВРАТИМЕ ДОВЕРБАТА НА ГРАЃАНИТЕ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ, ЛЕКАРИТЕ ЌЕ РАБОТАТ ПОДОСТОИНСТВЕНО


Министерот за здравство, д-р Венко Филипче , на денешната прес-конференција, што се одржа во просториите на Владата на РМ информираше за поглавните приоритети и проекти, што се иницираат во Министерството за здравство, а дел од нив се веќе почнати со реализација.

  • Од мојата претходна позицијата како советник на претседателот на Владата за здравство ќе ве информирам за плановите, за динамиката со која очекуваме тие проекти да се спроведат, како и ефектите кои што ги имаат во нашиот здравствен систем, темите кои што директно ќе ги почувствуваат како подобрување во сервисите и пациентите, како и здравствените работници. Сметаме и уверени сме дека имаме капацитет и дека мораме здравствениот систем што сега функционира на работ на издржување, да го трансформираме во европски модерен здравствен капацитет. Имаме капацитет човечки, имаме знаења за тоа што ни недостасува, спремни сме да се надоградиме.

Еден од клучните проекти ќе биде надградувањето на електронскиот систем, што сега постои во форма на МојТермин, како систем за закажување на термини без хартија и за закажување најразлични испитувања, снимања и сл.

Во светот постои и т.н. electronic health record system, во кој што електронски за секој пациент се собираат сите податоци од нивната медицинска историја и тие податоци се достапни во која било здравствена институција пациентот да се најде. Може одредени податоци да отвори докторот, може други податоци да отвори медицинската сестра или било кој друг кој што официјално и легално има пристап до тој електронски систем.

Што ни е целта?

Прво ни е целта да го подобриме квалитетот на здравствената услуга, меѓутоа другата цел е да формираме еден интегриран здравствен систем. Има 114 јавни здравствени институции, може да замислите има над 20 книговодствени електронски системи и без никаква комуникација помеѓу сите тие здравствени институции. Како еден пластичен пример, доколку некој лек недостасува во некоја болница, на пример во Гевгелија, и тие одат да распишат тендер за таа количина да се набави во болницата во Тетово или Куманово, може има огромна количина од тој лек и ние воопшто немаме увид дека е тоа така. Сакаме да формираме еден интегриран здравствен систем во кој што ќе има контрола и на потрошувачката и на вистинските потреби.

Преку надградување на тој електронски систем веќе овие денови претходно инициравме да се започне формирање на регистри на сите болести во Република Македонија. Сето тоа сега се врши на хартија и немаме вистински увид ниту пак материјал од каде што ние може да извлечеме податоци за болестите, за тоа како се зголемува тој број за да од тука потекнуваат ако ништо друго и научни истражувања и така натаму.

Понатаму, времетраењето на прегледот ќе го договориме со директорите на клиниките и институциите, затоа што секоја струка е специфична. За некоја струка треба преглед 15 минути, за некоја 20 минути, и ќе инсистираме доколку може уште во моментов, доколку не, клиниките да си испланираат луѓе кои што ќе ги примат и ќе бидат административни помошници на докторите, за докторот да се фокусира само на прегледот на пациентот. Некој друг да ги внесува податоците во компјутер, затоа што тоа одзема многу време, а докторот ќе го деконцентрира од клиничкиот преглед на пациентот, на некој начин да му се олесни работата.

Второ прашање е лекувањето во странство. Знаете дека е тоа многу актуелно прашање, многу често присутно во медиумите. Наша цел ќе биде да ја зголемиме експертизата на домашните лекари, посебно во делот кој што сега не се работи кај нас. Ќе инсистираме да се едуцираат во тие струки, во тие дејности или да почнат да ги нудат тие сервиси за кои што во моментов плаќаме огромни средства за лекување во странство.

Во таа смисла, приватните болници во државата ги гледаме како партнери. Со тоа што на начинот на кој што ќе го смислиме тренингот, без разлика дали е тоа во државна (ако е во државна секако), но ако е во приватна институција, во тој замислен систем сите болници ќе имаат обврска да ги тренираат нашите државни лекари за тие да стекнат експертиза.

Друго прашање е во врска со лековите за ретките болести. Може да ви кажам дека има лекови во моментот и дека во 2018 сега на почетокот на година треба да се распише тендерот за следната година, и дека планираме да преземеме неколку чекори да се подобри овој систем на снабдување.

Прво, во активни преговори и разговори сме со луѓето од Министерство за финансии, да го видиме начинот на кој може да се зголеми буџетот, количината на средства што е предвидена за тие лекови. И уште побитно е што веќе почнавме да го работиме, е да ја подобриме законската регулатива и сите постапки кои што се врзани со набавување на тие лекови за да спречиме во иднина каков било ризик од дефицит на лекови. Притоа, мислам дека наоѓаме начин да тендерската процедура од една година се зголеми на две години, и начинот на набавување на лековите да биде таков да биде подолг временски период однапред еден квартал, три или четири месеци, за во ниеден момент ние да не дозволиме да се јави недостаток на тие лекови.

Во таа смисла, би ги спомнал и инсулините. И тоа е актуелно прашање. Во моментот нема инсулинска криза. Заради анализа на квалитетот на инсулините што денеска треба да биде готова и за што ќе ве информираат од Агенцијата за лекови, за што помогна една компанија со донација. Се покри количината на потребни инсулини, во моментот има доволно и воедно ќе ја подобриме процедурата, со цел во ниеден момент повеќе да не дозволиме да се јави ризик од недостиг од тие лекови. Во преговори сме со меѓународни организации, како Фондот за население на Обединети Нации за пристап до поевтини лекови, заради тоа што тие фондови имаат пристап преку меѓународните организации до лекови со пониски цени, а нас ни се значајни за подобрување на снабдувањето со истите.

Понатаму, би сакал да кажам дека интензивно ќе работиме за да гарантираме бесплатно болничко лекување на ранливите категории граѓани, односно Роми корисници на социјална помош. Тоа е мерка која што неодамна ја најави и претседателот на Владата, премиерот Заев.

Понатаму, би сакал да најавам дека во буџетот за следната година се предвидени средства за градежно завршување на болниците во Штип, Струмица и Охрид, и ќе се распишат тендери за опремување на истите.

Понатаму, ќе се заврши болницата во Бардовци, и бункерот за акцелератор во болницата „8 Септември“.

Прашање е како ќе ги задржиме докторите во нашата земја? Ќе им понудиме подобри опции за едукација, преку соработка со познати универзитетски центри од Европа. Во фаза сме да ги идентификуваме потенцијалните партнери. Во преговори сме со директорот на Фондот за иновации за етаблирање на нов центар за истражување, во рамки на Клиничкиот центар, во кој може да се прават научно-истражувачки проекти кои што во моментов немаме услови да ги правиме, а се клучни во едукацијата на младите лекари.

Би се задржал и на две точки кои што беа во предизборната програма.

Обезбедени се средства за покачување на платата од 5% од втората половина на 2018 година. Понатаму, се обезбедија дополнителна сума на средства со кои ќе се зголеми цената на дежурствата, и тоа за сите доктори во Клиничкиот центар, освен за хирурзите коишто веќе имаат зголемување, и за сите болници во државата за докторите и за сестрите. Притоа, тоа зголемување, во зависност од институцијата во која што работат, дежурство коешто во моментот изнесува 900-1.340 денари во обичен ден, од најверојатно март или април 2018 година ќе вреди 2.500 или 3.000 денари, а викенд дежурството коешто е 2.800 или 2.900 сега, ќе биде 4.000 денари, без разлика на зголемувањето на платата од 5% што верувам дека сериозно ќе се одрази како сума на пари во платата којашто докторите, но и сестрите ќе ја земаат веќе од првата половина на 2018 година.

Се обезбедија средства за вработување на приватните специјализанти, во моментов 348 на број, коишто ќе земаат плата во висина на минималната плата гарантирана за општ лекар, а во насока на тоа да такви проблеми понатаму не се случуваат, работиме активно со Медицинскиот факултет, и со Лекарската комора за изнаоѓање соодветен начин за распишување на специјализации по одредени струки врз основа на потребите на стручните здруженија и клиниките, како визија колку доктори од таа струка им треба за следните години.

Би го спомнал прашањето со Детската кардиохирургија, кое што дефинитивно ќе го решиме со тоа што Детската кардиохирургија ќе биде сместена во рамки на Клиниката за кардиологија и постојната клиника за адултна кардиохирургија, затоа што сметаме дека е таму вистинското место, затоа што ја има целата инфраструктура којашто веќе ја користат возрасните, може да ја користат и децата како пациенти.

Во огромен број европски земји, суштинска промена на здравствениот систем се направи откако се воведе е-здравство и откако се направи рационализација на здравствениот систем, посебно во бившите социјалистички земји, во коишто има премногу капацитети коишто во моментот не се искористени. Значи, просечната искористеност на болничкиот кревет во Македонија не е повеќе од 60%, што е нешто што ниеден систем не може да го издржи.

Сакаме да го смениме системот на лекување од куратива кон превентива  – од hospital based кон home based. Многу нови веќе на пазарот достапни системи за следење на гликемија, на крвен притисок, тоа можеме да го постигнеме со тоа што планираме да го зајакнеме системот на патронажните сестри, коишто многу работи може да средат во домашни услови. Кога и да го отворите системот МојТермин топ двете дијагнози на упатување од примарна кон секундарна здравствена заштита се кардиоваскуларните болести и дијабетот. Огромен товар, огромен трошок и огромен процент од нив навистина не би требало да одат во болнички услови, се јавуваат за работи коишто може да се средат и во домашни услови. На тој начин, сметаме дека суштински имаме сериозна шанса да го смениме нашиот здравствен систем.

Уште една работа само би спомнал, што ќе ни биде приоритет веќе на почеток на следната година. Постојат нови devices за мерење гликемијата, ќе почнеме со категоријата деца. Има околу 400-500 деца коишто имаат дијабет тип 1, кои се боцкаат секојдневно, што некогаш заради ризикот на ноќна хипогликемија, родителите дури и ги будат да ги боцкаат. Тоа не смееме да го дозволиме. Има tracker-и, кои што се лепат на кожата, и ќе инсистирам тоа во почеток на следната година да се имплементира, како проект да почнеме прво со децата, а после за понатаму ќе видиме.

Значи, имаме план, сериозен, во разговор со странски консултанти кои што неколку пати беа тука, го разговаравме. Тие ни ги пренесоа искуствата од своите земји, мислам дека имаме одличен план и сериозен капацитет добро да го реформираме нашиот здравствен систем и да стане модерен европски здравствен систем.

Сподели на:

Related Posts

јануари 22, 2021

јануари 21, 2021

јануари 21, 2021