КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ИЗГОТВИ ПРОТОКОЛИ ЗА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ФИЛИПЧЕ: ПОЧИТУВАЊЕТО НА ПРОТОКОЛИТЕ ГО МИНИМИЗИРА РИЗИКОТ ПО ЗДРАВЈЕТО И ЌЕ ОВОЗМОЖИ ЦЕЛОСНО БЕЗБЕДЕН НАСТАВЕН ПРОЦЕС ЗА СИТЕ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за состојбата со епидемијата во земјата, согласно извештајот на ИЈЗ за минатата недела и истата ја оцени како стабилна.Филипче детално се осврна на почетокот на учебната година и протоколите кои ги изготви Комисијата за заразни болести. Тој истакна дека препораката која ја даде Комисијата е во контекст на максимална претпазливост и превенција од понатамошно ширење на епидемијата од ковид-19.


„Интензивно работевме со претставници на Министерството за образование и наука. Ги разгледувавме сите аспекти на состојбата со епидемијата, трендовите во однос на случаите од минатите недели, начинот на кој вирусот се пренесуваше, според податоците од епидемиолошките прашалници – во смисла на тоа да има некаква предвидливост посебно за период којшто доаѓа. Многу земји кои ги отворија училиштата се соочија со ширење на заразата во училиштата, по што беа принудени некои училишта повторно да ги затворат. Земајќи го во предвид искуството на другите земји, вклучително и есенскиот период во кој вообичаено се соочуваме и со други инфекции, сметаме дека наставата за децата со физичко присуство треба и мора да се одвива под строго утврдени протоколи“, рече министерот Филипче.


Комисијата за заразни болести изготви протоколи за одржување настава со физичко присуство во основните и средните учулишта, како и алгоритам за постапување во случај на заболено лице или дете од ковид.„Протоколите за основните и средните училишта се речиси идентични, а овие протоколи практично, детално го регулираат престојот и процесот на наставата, влез/излез и движење во училиштето. И во основните и во средните училишта, наставниот процес се одвива во период од 07:00 часот до 20:00 часот. За влез и излез на учениците, училиштето ги става во функција сите влезови во училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое одделение кое го истакнува на видни места во училиштето. На влезот од училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно-информативни материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и средства за дезинфекција на рацете. Училиштата задолжително поставуваат ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето“, потенцираше министерот Филипче.


Во основните училишта родителите/старателите ги испраќаат учениците до назначениот влез на училиштето и се забранува нивно влегување во училиштето, освен за родителите/старателите/образовните асистенти на учениците со посебни образовни потреби, секако со задолжително носење на маска/прекривка на лицето, што е дозволено и во средните училишта.
На секој влез од училиштето, учениците ги пречекува дежурен наставник кој се грижи ученикот да ги дезинфекцира обувките и рацете, односно му помага на ученикот да ги дезинфекцира рацете со дезинфекционо средство. Дезинфекцијата важи и за вработените во училиштата. На учениците кои доаѓаат со организиран превоз, им се мери телесната температура пред влегување во автобус и се врши дезинфекција на рацете и обувките. Учениците кои имаат зголемена температура (над 37°) се враќаат дома со препораки родителот да превземе соооветни здравствени мерки. Во организиран и во јавен превоз, задолжително треба да се почитуваат мерките за заштита.
Вработените во училиштето и учениците при влегување во училиште, за време на престојот и за време на наставата задолжително ја почитуваат мерката за физичка дистанца од најмалку 1,5 метар и носат заштитна маска/покривка на лицето и носот, освен кога се на отворено во училишниот двор со одржување на препорачаната дистанца.На вработените им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37°) вработениот се упатува кај матичен лекар.
И на учениците пред влезот на училиштето, им се мери телесна температура со безконтактен топломер. Во случај на покачена телесна температура (над 37°) не се дозволува влез на ученикот во училиште и родителот се упатува на консултација кај матичниот педијатар. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште.


Министерот Филипче, појасни дека се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.„За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците. Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри.За основните училишта, секогаш кога е можно и дозволуваат временските услови, наставата се реализира надвор од училница во училишниот двор, на отворено. Доколку се реализира така, се препорачува да не се носат маски/прекривки на лицето, но да се почитува задолжително препорачаната физичка дистанца помеѓу ученик-ученик и наставник-ученик од најмалку 1,5 метри. Учениците од една паралелка престојуваат во една просторија и се забранува кабинетска настава, заради грижа за здравјето на учениците“, информираше министерот Филипче.
Филипче информираше дека првиот ден од наставата задолжително ќе започне со упатства за учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.
Користењето на спортската сала, библиотеката и други простории треба да биде од група ученици од иста паралелка, така што да нема можност за мешање на повеќе ученици од различни паралелки.Употребата на тоалетите се организира на начин што ќе овозможи присуство на помал број ученици и запазена дистанца (на пример, ако тоалетот е помал, ученикот треба да чека надвор од тоалетот додека излезе ученикот кој е внатре).
На прес-конференцијата, министерот Филипче изјави дека учениците носат оброк/храна од дома или доколку е можно за организација, оброкот што го обезбедува училиштето, како што е тоа случај во основните училишта, треба да биде соодветно спакуван или готов производ.
„Учениците оброкот го консумираат во училницата во која реализираат настава. Задолжително е редовно проветрување, хигиена и дезинфекција на сите простории училници, холови, тоалети, спортска сала, пред и по завршување на смената и за време на одморите. Не е дозволено влегување на други лица, на пример, за чистење, поправка или внесување храна во училниците сè додека учениците се наоѓаат во нив“, рече министерот Филипче.Во средните училишта, за реализација на практичната обука и учење преку работа, училиштето изготвува распоред за користење на училишните капацитети. Користењето на училишните капацитети е со задолжително почитување на сите протоколи за безбедност на учениците. За практична настава во компании, учениците и одговорните наставници задолжително ги почитуваат протоколите на компанииите.

Министерот Филипче потенцираше дека доколку во училиштето се појави заболен од КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.


„Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале“, истакна Филипче.

На крајот, министерот Филипче упати апел до сите родители, наставници и целиот менаџмент на образовните институции, максимално сериозно да пристапат кон спроведување на мерките за заштита од Ковид и да дадат поддршка на децата во прилагодување кон новата сотојба и новиот начин на одржување на наставата.  Тој упати и пораки до учениците кои се незадоволни од начинот на кој ќе се одвива наставата и сакаат да одат на училиште.„Овој модел на настава не штити нас, вас, вашите родители, баби и дедовци. Оваа состојба не е избор туку нужност и е во интерес на здравјето и ништо друго. Ова мора да се разбере и почитува од сите. Состојбата нема вечно да трае, се поблиску сме до надминување на оваа состојба, пронаоѓање на вакцина и со тоа враќање на животот кон нормала. Но, до тогаш, мора да се навикнеме на новите правила на живот, на работа, на дружење, секако и на учење. Се може да се надокнади, но здравјето и животот не. Бидете трпеливи и имајте разбирање“, рече министерот Филипче.

Сподели на:

Related Posts