КОМПЛЕТНО РЕНОВИРАН ВАКЦИНАЛНИОТ ПУНКТ И НАБАВЕН НОВ ДИГИТАЛЕН РЕНДГЕН АПАРАТ ЗА ПОЛИКЛИНИКАТА „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“

Во поликлиниката „Ѓорче Петров“ комплетно е реновиран вакциналниот пункт и се набави нов дигитален рендген апарат. При посетата, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче истакна дека ги следиме стандардите и упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) и почнато е со комплетно реновирање на вакциналните пунктови во поликлиниките во Скопје. 

– Во овие реновирани пунктови, условите за дечињата се многу попријатни. На територија на Скопје е висок опфатот со вакцинација со задолжителното вакцинирање, над 99% во Скопје, а над 95% ширум државата. За неколку денови ќе биде пуштен во употреба и новиот рендген дигитален апарат, што на жителите на овој регион значајно ќе им олесни пристап до оваа рендген услуга. Пациентите нема да мора да одат до болниците ГОБ „8 Септември“, старата Градска болница и Клиничкиот центар и преку системот МојТермин ќе се скрати времето за чекање, изјави министерот Филипче.

Минатата година се воведоа две нови вакцини за заштита од пневмокок и рота вирус, кои ги штитат најмладите пациенти од инфекции, кои се чести во детската возраст, особено кај деца кои посетуваат градинки. Имунизацијата е единствената мерка која нѐ заштитува од заразни заболувања. Исполнета е препораката на СЗО со опфат на вакцинација над 95% со МРП вакцина.

Поликлиника „Ѓорче Петров“ претставува успешен пример во своето работење и токму во оваа поликлиника континуирано се унапредуваат условите за третман на пациентите, и се воведуваат новини, со цел обезбедување повисоки стандарди и квалитет во давањето здравствени услуги на корисниците на Здравствен  Дом-Скопје. 

-Како општина, заедно со комуналните служби редовно се одржува поликлиниката во Ѓорче Петров. Дониравме мебел за опремување на детското катче, на вакциналните соби, ги сменивме дотраените клупи. Во наредниот период, се надевам дека во зависност од времето ќе гледаме да ги смениме и павер елементите, коишто се дотраени и се од самата изградба на поклиниката. И натаму, во соработка со Министерството за здравство, стоиме на располагање нашите деца да имаат добра примарна заштита, а повозрасните да се чувствуваат пријатно во поликлиника „Ѓорче Петров“, изјави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Поликлиниката  „Ѓорче Петров“ дава здравствена заштита на населението од три големи општини Ѓорче Петров, Карпош и Сарај со вкупна бројка од 140 илјади жители.

-Успешно продолжува приказната за реновирање на вакциналните пунктови. Управата на Здравствени дом-Скопје веќе почна пред два месеца и таа приказна успешно заврши во поликлиниката „Чаир“, сега и во поликлиниката „Ѓорче Петров“. Од понеделник почнуваме со реновирање на вакциналниот пункт во поликлиниката „Јане Сандански“, и таму ќе се инсталира нов дигитален рендген апарат, рече директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски.

Сподели на:

Related Posts