КООРДИНАТИВЕН СОСТАНОК ЗА ИЗНАОЃАЊЕ КОМПРОМИСНО И ИТНО РЕШЕНИЕ ЗА СООБРАЌАЈНИОТ МЕТЕЖ КОЈ СЕ СОЗДАВА ВО КЛИНИЧКИОТ КАМПУС, НО И ЗА ПРОТОКОТ НА ВОЗИЛА ПО БУЛЕВАРИТЕ КОИ ВОДАТ ДО КЛИНИКИТЕ

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче, денеска имаше координативен сотанок со претставници од секторите за сообраќај при Општина Центар и Град Скопје, Министерството за внатрешни работи, Регионалниот центар за управување со сообраќај и со вработени од Итната медицинска помош, со цел да се изнајде компромисно и итно решение за сообраќајниот метеж кој се создава во Клиничкиот кампус , но и за протокот на возила по булеварите кои водат до Клиниките.

Еден од најважните заклучоци е да се овозможи „зелена траса“ по булеварите кои водат до Клиничкиот центар за потребите на возилата на Брзата помош, кои ќе имаат свој посебен влез и лента за непречено движење.

Се разговараше и за можноста да се врати двонасочниот сообраќај на малата сервисна улица „Герман“ која го спојува излезот на Клиничкиот центар и раскрсницата кон ТЦ „Рамсор“ и излегува на улицата „Јордан Мијалков“.

Со Пробивање на нова пристапна улица низ поранешниот студенски дом

„ Медицинар“,  ќе се подобри пристапноста и излезот од Клиничкиот центар.

Се разгледа и можноста главниот влез на Клиничкиот центар да биде дислоциран и да биде поставен во близина на стоматолошките клиники, со цел да се намали притисокот на возилата кои сообраќаат по булеварот „Мајка Тереза“, поранешна Водњанска, особено во период кога има посебен режим , кога сообраќаат возила на  делегации.На тој начин ќе се ослободи и досегашниот главен влез за полесен пристап на возилата на брза помош

Исто така се предложи можноста улицата „50 Дивизија“, која се наоѓа веднаш под Клиничкиот кампус, да се врати во двонасочен сообраќај.

Најдени се решенија како да се олесни влезот на возилата при влез во Клиничкиот кампус, кај Клиниката за детски болести. Станува збор за проширување на влезот, кај местото познато како „Тасино чешмиче“.

Низ сервисните улички во Кампусот, ќе се постават столпчиња  со цел да се спречи непрописно паркирање и да се овозможи непречено движење на пешаците и инвалидизирани лица низ Клиничкиот центар.

Ќе се искорнат пенушките кои се оставени на поголемиот  дел од пешачките патеки и тротоари, со што истите се блокирани и е невозможно да се движат пешаците.

Деновиве ќе бидат поставени и сообраќајни знаци за правилно насочување на сообраќајот.

Дел од коловозните ленти ќе бидат скратени во широчина, бидејќи со помош на столпчиња ќе биде формирана нова лента по која ќе се движат исклучиво интерклинички носила и лица со инвалидни колички.

Договорено е поставување на неколку  монтажни паркиралишта, на соодветни места кои однапред се мапирани дека се соодветни.

По поставуањето на овие гаражи, ќе биде строго забрането паркирањето надвор од нив, освен на места кои ќе бидат одбележени за таа намена.

Поради овие големи неопходни зафати, за надминување на сообраќајниот метеж, ќе бидат хортикултурно уредени сите слободни површини. Исто така ќе бидат отстранети сите стебла кои се стари и се ризик по пациентите кои се движат низ кампусот, но и постои можност да оштетат објекти и возила.

Особено ќе се води сметка за поставување на садници и зелени површини кои ќе бидат тампон зона меѓу Клиниките и местата за паркирање.

Со воведување на сообраќаен и пешачки ред во Кампусот,  ќе биде олеснето движенењто на сите кои имаат потреба или се движат на овој потег. Безбедноста и брзината на движењето во болницата се приоритети, особено за итните случаеви.

Со намалување на метежот ќе се намали и аерозагадувањето и протокот на возилата низ Кампусот.

 

 

Сподели на:

Related Posts