МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ НА СРЕДБА СО ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА: ПОЗДРАВЕНА МЕРКАТА ЗА УКИНУВАЊЕ НА КВОТИТЕ ЗА ЛЕКОВИ НА РЕЦЕПТ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска оствари средба со Здружението на пензионери-Гевгелија, на која разговарaа за пакетот мерки што Министерството за здравство ги спроведува за унапредување на здравствениот систем во Република Северна Македонија.

„Денеска го отворивме новото одделение за акутни состојби во ЈЗУ Психијатриска болница-Негорци. Во фаза е подобрување на условите во Општата болница со проширена дејност Гевгелија. На први октомври целосно ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките. Сега, граѓаните во било кое време имаат лекови. Пациентите се главниот фокус во здравствениот систем. Обезбедивме квалитетни здравствени услуги и лекови согласно потребите на граѓаните“, потенцираше министерот Филипче.

Пензионерите ја поздравија мерката за укинување на квотите за лекови на рецепт и истакнаа дека граѓаните повеќе немаат потреба да прават домашни аптеки.

„Лековите ги подигнуваме во текот на целиот месец. Се чувствуваме малку порелаксирано, затоа што имаме достапни лекови и не стравуваме дека ќе останеме без потребната терапија“, рече Велин Стојменов, претседател на Здружението на пензионери-Гевгелија.

Пензионерите, на средбата со министерот Филипче посочија дека одливот на младите лица во државата мора да се задржи, додека пак министерот Филипче ги запозна пензионерите со пакетот мерки што Министерството ги спроведува за нивно задржување и мотивирање во работата.

„Воведовме шестмесечен платен стаж за младите лекари и медицински сестри. Приватните специјализанти за првпат се платени за својот труд, во висина на просечна плата на општ лекар. За четиригодишниот период одобрени се 931 специјализација. Ги зголемивме платите и дежурствата на здравствените работници за да ги мотивираме да останат и да работат во јавното здравство“, истакна министерот Филипче.

Минатата година се воведе бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст со просечна пензија и пензија под просечната како и лица без пензија. Оваа мерка се воведе првпат како пилот, а на овој начин се заштитени од грип и компликации најранливите групи стари лица, кај кои има и најчести компликации.

 

Сподели на:

Related Posts