МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: НАШИТЕ ЦЕЛИ СЕ ДОСТАПНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ, ПОДИГНУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА И УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА НА ЛЕКАРИТЕ И ОСТАНАТИОТ МЕДИЦИНСКИ ПЕРСОНАЛ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска се обрати по повод 7 Април, одбележувањето на Светскиот ден на здравјето, во организација на Македонското лекарско друштво во Холидеј Ин. Мотото на годинешната  кампања е „Здравје за сите“, со акцент на превентивната здравствена заштита.

„Примарното здравство е основата на здравствената заштита, тоа е клучна точка за рано откривање, превенција и навремена заштита од различни заболувања. Во соработка со Светската здравствена организација во месец февруари организиравме Национален форум за здравство, фокусиран на квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во државата“, истакна министерот Филипче.

Во своето обраќање, министерот Филипче потенцираше дека Министерството за здравство реализира повеќе мерки за унапредување на здравствената заштита за сите граѓани во државата, како и за унапредување на статусот на здравствените работници.

„Со Управата за електронско здравство воведовме 2 нови типови на упати, со кој ја подобруваме здравствената евиденција и ја поедноставуваме работата на здравствените работници. Исто така, донесовме и нов Закон за прекинување на бременоста, со кој волјата на жената ја ставаме на прво место“, изјави министерот Филипче.

За 2019 година, зголемен е буџетот за ретките болести и се воведуваат нови лекови за лицата со ректи болести. Минатата година беше воспоставен и електронски регистар за ретки болести.

„Минатата година го укинавме паралелниот увоз на лекови и обезбедуваме лекови со сертификат за квалитет. Воведовме три нови молекули на инсулини и набавивме дополнителни 10 инсулински пумпи. Обезбедуваме бесплатни ортопедски градници за жените што се оперирани од рак на дојка и имаат потреба од градник, во соработка со ФЗОМ“, потенцираше министерот Филипче.

За првпат е извршена трансплантација на матични клетки од несроден донор, а по пауза од три години, од месец ноември 2018 година успешно се изведени три трансплантации на бубрези на пациенти од починат донор. Во месец декември 2018 година, исто така за првпат во државата, е имплатирано механичко срце кај пациент со терминална срцева слабост  на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Оваа операција претставува врвот на адултната кардиохирургија.

„Го враќаме достоинството на сите здравствени работници. Во текот на минатата година се вработени голем број на здравствени работници. Ги зголемуваме платите и коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници. А за првпат специјализантите земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар“, рече министерот Филипче.

Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавно здравство. Тоа значи дека секој лекар, кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега.

„Нашите цели се достапна здравствена заштита за сите граѓани, подигнување на квалитетот на здравствената заштита и условите за работа на лекарите и останатиот медицински персонал. Само со заеднички заложби на сите чинители може да го унапредиме здравствениот систем во нашата држава“, истакна министерот Филипче.

 

Share This Article :

Related Posts