МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ОПШТАТА БОЛНИЦА СО ПРОШИРЕНА ДЕЈНОСТ КАВАДАРЦИ СО ЗГОЛЕМЕН ОБЕМ НА РАБОТА, СО НОВИ СОВРЕМЕНИ АПАРАТИ ЗА ДИЈАГНОСТИКА, ОТВОРЕН МОДЕРЕН УРГЕНТЕН ЦЕНТАР И РЕНОВИРАНА БИОХЕМИСКА ЛАБОРАТОРИЈА

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче денеска оствари средба со раководството и персоналот на Општата болница со проширена дејност Кавадарци, каде заеднички го одбележаа 7 април–Светскиот ден на здравјето. Во рамки на посетата, министерот Филипче на вработените им честиташе на посветеноста и истакна дека минатата година беше успешна за оваа болница.

Министерството за здравство реализира повеќе мерки за унапредување на здравствената заштита за сите граѓани во нашата држава и за унапредување на статусот на здравствените работници. Се грижиме за здравјето на сите граѓани. Целта е јасна: достапна здравствена заштита за сите граѓани, подигнување на квалитетот на здравствена заштита и условите за работа на лекарите и останатиот медицински персонал со подобрување на условите и квалитетот на услугата. 

„Го враќаме достоинството на сите здравствени работници. Во текот на минатата година се вработени голем број на здравствени работници, а во 2018 година во Општата болница со проширена дејност Кавадарци се реализирани 46 вработувања. Задоволен сум што здравствените работници од оваа болница добија покачувања на своите плати. Ги зголемуваме и коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници. Првпат специјализантите земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар“, потенцираше министерот Филипче.

Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавно здравство. Тоа значи дека секој лекар, кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега.

„Во општата болница со проширена дејност Кавадарци, беа исполнети повеќето цели во тек на минатата година, како што се набавка на современи апарати за дијагностика, отворен модерен ургентен центар, реновирана биохемиската лабораторија, и зголемен е обемот на работа со проширување на дејноста на болницата, со цел интегрирање на давањето здравствени услуги на пациентите од овој регион“, рече министерот Филипче.

Во следниот период ќе продолжи изградбата на центарот за палијативна нега, ќе се реновира детското одделение во рамки на болницата и едно од возилата за итна медицинска помош кои се набавени ќе биде доделено токму за Кавадарци.

„Ви го честитам Светскиот ден на здравјето и само со заеднички заложби на сите чинители може да го унапредиме здравствениот систем во Република Северна Македонија“, потенцираше министерот Филипче.

Планирано е проширување на ингеренциите на лекарите од болничкиот сектор, посебно за регионите кои се соочуваат со недостиг на лекари во примарно ниво. Истовремено, работиме на проширување на дејностите на одредени здравствени домови, во насока на враќање на гинеколошките диспанзери.

Share This Article :

Related Posts