МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ПОТТИКНУВАЊЕ НА ИНВЕСТИЦИИ ЗА РАЗВИВАЊЕ НА НОВ АНТИБАКТЕРИСКИ ТРЕТМАН Е КЛУЧНО ВО БОРБАТА ПРОТИВ АНТИМИКРОБНАТА РЕЗИСТЕНТНОСТ

Владина делегација, предводена од вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, денеска учествуваше на активности во рамките на Светскиот инвестициски форум, кој се одржува во Женева, во организација на Конференцијата на Обединетите Нации за трговија и развој (UNCTAD – United Nations Conference on Trade and Development).

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Филипче остварија заедничка средба со генералниот секретар на UNCTAD, д-р Мукиса Китуји и со Раководител на сектор за претриемнички политики во UNCTAD, Флорина Муџоне. На средбата се дискутираше за можни модели за соработка за подобрување на вештините и поттикнувањето на младите претприемачи, користејќи ги светските искуства и најдобрите пракси.

Министерот за здравство Филипче учествуваше и на панел дискусија „Поттикнување на инвестиции за развивање  на нов антибактериски третман“,  организирана во рамките на Форумот, на која истакна дека резистентноста на антибиотици е една од трите најголеми закани по нашето здравје и време е да ја кренеме свесноста за овој голем јавно-здравствен проблем.

„Заради неконтролирана употреба на антибиотиците и поради неправилниот начин на апликација се повеќе бактерии се резистентни на антибиотиците коишто во овој момент постојат на пазарот насекаде во светот.  Огромен дел од фармацевтската индустрија е насочена кон измислување на нови лекови, но за жал, тоа не се антибиотици. Се измислуваат нови лекови за хронични болести, иновативни лекови за различни ретки болести, а за жал трендот на откривање нови антибиотици е спласнат повеќе од 20 години. Сега е тоа се поголем и поголем проблем со оглед на тоа што многу антибиотици можат да се купат без никаква рецепта, луѓето ги примаат на несоодветен, неконтролиран начин, а тоа предизвикува резистенстност. Затоа сме исправени пред предизвикот како овој проблем да почнеме да го надминуваме. Во Република Македонија има огромен капацитет да се инвестира во клинички испитувања и за тоа разговаравме со претставници на неколку големи компании. Имаме експертиза, имаме добро регулиран процес на клинички студии и сметам дека можеме да бидеме дел од многу мултицентрични студии и на тој начин да придонесеме во надминување на овој глобален проблем“, истакна министерот Филипче.

Македонија ги следи препораките на СЗО во борба против антимикробната резистентност. Кревање на свеста преку предавања, организирање на стручни конференции и креирање јавна кампања за обука на населението за рационална употреба на антибиотици се мерките кои ги преземаме во моментов.

Дополнително, внимателно ја следиме ситуацијата, вршиме мониторинг како земја членка на CAESAR мрежата, ја користиме EUCAST методологијата и во следниот период ќе имплементираме нови методи во борба против антимикробната резистентност.

Воспоставувањето на јавно-приватно партнерство во Македонија во делот на истражување и мониторинг ќе биде корисно. Поттикнување на инвестиции за развивање на нов антибактериски третман е клучно во борбата против антимикробната резистентност.

 

 

Сподели на:

Related Posts