МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ПРЕДЛОГ-БУЏЕТОТ ЗА 2020 ГОДИНА Е КРЕИРАН СПОРЕД ПОТРЕБИТЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска одржа прес-конференција на која го презентираше Предлог-буџетот за 2020 година, креиран според потребите на пациентите и здравствените работници. Тој истакна дека буџетот изнесува 7.1 милијарда денари, зголемен е за 634 милиони денари, во споредба со буџетот од 2019 година.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на министерот Филипче:

За наредната година, предвидуваме мерки и политики кои се во насока на унапредување и зајакнување на здравствениот систем во Република Северна Македонија, преку подобрување на условите во јавно-здравствените установи, набавка на медицинска опрема, како и обезбедување лекови за подобар живот на пациентите во нашата држава.

Оваа година ја почнавме со зголемување на платите на здравствените работници. Со овој тренд на зголемување на платите и подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал продолжуваме и во 2020 година.

Во изминативе две години, вкупното зголемување на платите за докторите специјалисти е 40%. 20% на медицинските сестри, а 23% на медицинските сестри во Клиниките. 20% повисоки плати имаат и лекарите специјалисти од наставниот кадар, 25% општите лекари и 15% за сите здравствени соработници.

Во 2020 година ги завршуваме градежните активности на реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Продолжуваме со градежните активности во Општата болница во Струмица, како и со реконструкција и доградба на Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје.

Нашите приоритети и цели се реконструкција на Котларата во Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир и реконструкција на кровот во Заводот за нефрологија во Струга. Средствата за оваа намена за реконструкција и доградба на објектите во јавно-здравствените установи во Република Северна Македонија изнесува 207.770 милиони денари.

Со средствата предвидени за изградба на новите Клинички центри во Скопје и во Штип, во висина од 812 милиони денари, ќе продолжи изградбата на новата Клиничка болница во Штип и новиот Универзитетски Клинички центар во Скопје.

Покрај подобрувањето на условите за престој на пациентите во болница и подостоинствени услови за работа на медицинскиот кадар, за 2020 година предвидена е и набавка на медицинска опрема за јавно-здравствените установи во државава. Завршени се постапките за набавка на медицинска опрема за Универзитетската Клиника за дигестивна хирургија и апарат за компјутеризирана томографија за болницата во Струга.

За првпат, Министерството за здравство од оваа година го обезбеди лекот Спинраза за пациентите со спинална мускулна атрофија и таблетарната форма за пациентите со ретката болест Гоше. За 2020 година, го зголемуваме буџетот за ретките болести за 42 милиони денари и тој изнесува 527 милиони денари.

Со Предлог-буџетот за 2020 година, обезбедуваме инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење на шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин, во висина од 750 милиони денари.

Со редовната вакцинација ги заштитуваме нашите деца, најблиски и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Имунизацијата останува нашиот приоритет и во 2020 година, буџетот за оваа намена изнесува 395 милиони денари. Со оваа програма, обезбедуваме вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации. Поради епидемијата од морбили (мали сипаници) потребно е да се набават нови дози на МРП вакцината. За потсетување, од оваа година, за првпат воведовме две нови вакцини, против Рота вирусот и Пневмококна вакцина.

Со програмата за целосно здравствено осигурување, се обезбедуваат услови за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување на државјаните на Република Северна Македонија кои немаат ниту еден основ на здравствено осигурување. Министерството за здравство како обврзник за пресметување и уплатување на придонесот за задолжително здравствено осигурување ќе може на месечна основа да го плаќа придонесот. Оваа ставка изнесува 2.9 милијарди денари.

Се грижиме за пензионерите, покрај укинувањето на квотите за лекови на рецепт и обезбедувањето на лекови во секое време, во кој било период од месецот, исто така во 2020 година продолжуваме со обезбедување на болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната. Во оваа програма, предвидени се средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за децата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош. За оваа намена одвоени се 89.4 милиони денари.

Пациентите се на прво место и во 2020 година продолжуваме со максимална здравствена заштита и нега и обезбедување на модерно здравство.

 

Share This Article :

Related Posts