МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: СО НАЈНОВИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ СЕ МЕНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА НА ДОКТОРИТЕ И СЕ ЕЛИМИНИРААТ ПРЕЧКИ ЗА КОИ ФЕЛАТА СО ГОДИНИ АЛАРМИРАШЕ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска одржа прес конференција на која информираше за најновите измени на Законот за здравствена заштита.

 

-Станува збор за значајни законски измени со кои се менуваат условите за работа на докторите, согласно нивните потреби и барања, а воедно се елиминираат сите пречки за кои докторската фела алармираше со години, посочи министерот Филипче.

Со најновите законски измени, се скратува времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата. За разлика од претходно кога докторот беше обврзан во установата да работи двојно повеќе од времето поминато на специјализација, сега е предвидено да одработи во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата. Исто така, намалена е и висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.

-Важна измена е дека кадарот што е во пензија порано немаше можност да дава консултативни прегледи во своето место на живеалиште. Со измените се оттргнува ова ограничување. На здравствените работници со високо образование кои се корисници на пензија, им се овозможува да можат да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници, независно од местото на живеење, информираше министерот.

Исто така, здравствените работници со високо образование од областа на медицината кои завршиле стаж на специјализација и положиле специјалистички испит или завршиле стаж на специјализација до денот на влегувањето во сила на измените имаат право да се запишат на супспецијализација и да го спроведат супспецијалистичкиот стаж, во согласност со плановите и програмите за супспецијализација на здравствените работници со високо образование од областа на медицината, како и да го полагаат супспецијалистичкиот испит, согласно со прописите според кои го завршиле стажот на специјализацијата.

-Многу важна измена за пациентите е дека досегашното наплатување на услуга од дополнителна дејност на докторите се менува целосно. Зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник. На овој начин ќе се овозможи избор на доктор со многу помали давачки за пациентите.

Во услови на недостиг од кадар во јавно здравствени установи се дава можност кадар од друга јавно здравствена установа да оди и пружа услуги на пациентите во ЈЗУ во општината во која живеат пациентите, за да не одат на друго место да користат здравствена заштита и услуга. Со оваа одлука, услугата ја правиме достапна до пациентите, посочи министерот.

Со најновите измени на Законот за здравствена заштита се овозможува здравствениот работник, односно соработник кој е именуван за директор да може да ја врши и понатаму својата дејност со работа со дежурства, за што има право на соодветен надоместок. Целта е кадрите со големо искуство да може во целост да ги искористат своите капацитети за пружање здравствена заштита.

Исто така, се бришат одредбите од Законот за здравствена заштита, кои се однесуваат на полагањето испит за директор на здравствена установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор.

 

Сподели на:

Related Posts