МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ВО ОБИКОЛКА НА КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА: КУМАНОВО ДОБИВА ПОДОБАР УРГЕНТЕН ЦЕНТАР ЗА ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска ја посети Општата болница Куманово со цел да направи обиколка на комплетно новиот објект на Ургентниот центар во Куманово. Градежните зафати се завршени и наскоро ќе биде пуштен во употреба. 

Тој истакна дека оваа установа е исклучително позитивен пример на јавна здравствена установа која во соработка со Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија во континуитет вложува во унапредување на квалитетот на јавното здравство и на што сме посебно горди.

„Градежните зафати се завршени и ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика“, истакна министерот Филипче и потсети дека овој објект е изграден од темел, со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција и додаде дека од оваа инвестиција, придобивка ќе имаат над 30.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар, со посебен акцент на хирургија, урологија и ортопедија.

За компарација, просториите наменети за оваа цел претходно беа сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, додека со новиот ургентен центар се добива повеќе од 90 отсто поголем простор.

„Со отворањето на новиот ургентен центар, пациентите ќе добијат можност на едно место да добијат комплетен хируршки, ортопедски и анестезиолошки преглед, било да се работи за ургентна состојба или се упатени за преглед од матичен лекар. Во приемната амбуланта ќе се врши тријажа на итните случаи,а во дневната болница истите ќе бидат обсервирани,под терапија и под контрола од хируршки тим“, изјави директорката на кумановската болница д-р Снежана Захариева.

Таа појасни дека на овој начин ќе имаме и подобра екипираност на хируршките и подобра можност за консултација со колегите  ортопеди, анестезиолози и специјалисти по радиодијагностика, на едно место и дека во исто време вработените добиваат  модерно опремен објект со одлични услови за работа и можност за професионално усовршување и меѓусебна соработка. 

Исто така, посочи дека наредната година планирана е набавка на нова апаратура за ултразвучна дијагностика со што ќе се олесни дијагностиката  особено кај ургентните хируршки пациенти.

Со оваа значајна инвестиција се обезбедува подобар пристап за пациентите, услугата ќе биде на едно место, и нема да се препраќаат пациентите до рентген дијагностика, а од посебна корист е тоа што пациентите подобро ќе се опсервираат односно ќе им се врши динамична опсервација, нешто што досега го немало.

Share This Article :

Related Posts