МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ЗА ФАКТОР: ГРАДЕЖНИТЕ ГИГАНТИ ФРАНЦУСКА BOUYGUES И ГЕРМАНСКИ VAMED ВО ТРКА ЗА ИЗГРАДБА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во интервју за медиумот Фактор изјави дека градежните гиганти кои влегоа во втората фаза од процесот за избор на фирма што ќе го гради новиот Клинички центар во Скопје се две компании германската Vamed и француската Bouygues construction.

„Процедурата е во фаза на конкурентен дијалог. Има три фази, фазата на евалуација заврши, останаа две компании германската Vamed и француската Bouygues construction, коишто сега влегуваат во фаза на дијалог. Не е започнат затоа што уште трае рокот за жалби од претходната фаза. Засега нема жалба и за време на дијалогот се оди кон финалниот драфт на договорот кој ќе се тендерира. Значи преку дијалог со дискусија и разговор за она што ние го бараме од физибилити студијата од тие искусни компании, ние го дизајнираме тој договор кој ќе биде предмет на тендерирање. И тоа е третата фаза. Согласно сегашната динамика и динамиката на Министерство за финансии со преговорите со финансиерите мислам дека имаме шанси да завршиме оваа година или на почетокот на следната“, потенцираше министерот Филипче.

Во интервјуто, министерот Филипче истакна со зголемувањето на сумата на капитациониот бод за 15% на општите лекари, стоматолози и гинеколози е делот од крупната реформа која се прави на примарната здравствена заштита.

„Сметам дека сега односно со зголемувањето на сумата која ќе ја добиваат матичните лекари за секој пациент ќе бидат стимулирани да извршуваат контролни превентивни прегледи со цел рано откривање болести. Второ, но не помалку значајно е што со зголемувањето на бројот на услуги кои пациентите ќе ги добиваат кај матичните доктори тие ќе се задржуваат подолго време во примарното здравство, па ќе се намали гужвата во болниците. Значи, за разлика од досега, кога пациентите се праќаа за мамографија на пример и за тоа се наплаќаше од Фондот, сега бараме прегледот да биде навистина извршен за да се евидентира како завршена обврска и тогаш да биде наплатен. Така ќе бидеме сигурни дека групата пациенти кај матичниот лекар согласно ризичната група, возрасната група ќе биде повикана на преглед“, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче најави дека во следните два-три месеци ќе биде готов електронскиот регистар за малигни болести, кој досега го немаше. Се прави во соработка со претставници на Европската комисија и Светската здравствена организација.

„Изготвивме стратегија за борба со малигни заболувања која е широка и ги опфаќа сите малигни болести. Ја работевме со експерти од различни специјалности. Ќе значи подобрување на систем на рана детекција на рак на дојка преку мамографија. Притоа, над 50 отсто од мамографите во земјава се сервисирани и повторно се ставени во функција. Во однос на карциномот на матка има нова четиривалентна вакцина за ХПВ. Во однос на карцином на простата се прави повторен повик на машката популација на ризична возрасна група од страна на матичните доктори односно на примарното здравство. Во однос на третманот на малигни заболувања – за првпат имаме триесетина нови молекули за биолошка терапија за третман на малигни болести на дојка, бели дробови, меланом на кожа, второлинсика терапија за карцином на дојка. Такви за таков тип на лекување до лани имаше само за одреден број на пациенти заради тоа што беа условни буџети. Ние ги обединивме сите буџети и направивме групна набавка за сите клиники коишто третираат малигни болести и ги опфативме сите пациенти“, изјави министерот Филипче и додаде дека нема пациент во земјава во моментов на којшто му е потребна терапија за било каков тип на карцином, а е или на листа за чекање или добивал терапија, па сега ја нема.

Во фаза сме на набавка на најсовремен акцелератор кој ќе има тип на зрачење којшто го немало до сега. При крај се и до крај на декември ќе бидат во функција акцелераторите во Градската општа болница „8 Септември“ и Клиничката болница во Битола, со тоа ќе има терапија за пациентите и во друг регион па нема да мора да патуваат и да лежат на скопската клиника. Сево ова, како стратегија во месец декември ќе се прикаже и ќе се објави, а ќе има и фискални импликации, а ги дизнајнираме и буџетите. Ќе се ослободат од партиципација болните од малигни заболувања за контролните прегледи, тие се ослободени од партиципација сега за време на директниот третман, но не и за контролните прегледи, но по промената целосно ќе бидат ослободени. Значи сеопфатна и широка стратегија која во периодот кој следи ќе значи и поголема достапност на терапијата. Дел од пациентите до скоро беа упатувани во странство заради тоа што во земјава не беше достапна.

Share This Article :

Related Posts