МЛАДИТЕ ДОКТОРИ  АКТИВНО СЕ ВКЛУЧУВААТ ВО СИТЕ АКТУЕЛНИ И ИДНИ ПРОЦЕСИ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска одржа средба со членови на повеќе здруженија на млади лекари и специјализанти. Во рамки на средбата беше презентиран извештај за актуелната состојба со морбили од професор Александра Грозданова, претседател на Комитет за имунизација, како и д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Од страна на сите присутни беше заклучено дека вакцинација е единствена и најдобра превентивна мерка. И за таа цел повторно беше потенцирана потребата секој здравствен работник да го провери својот вакцинален статус и доколку нема комплена вакцинација тоа може да го направи во центрите за јавно здравје.

Министерот Филипче потенцираше дека младите лекари се фокусот на Министерството за здравство и во тек се повеќе активности за подобрување на нивниот статус, квалитетот на едукацијата и условите во коишто работат.
Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година првпат во нашата земја, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство. Тоа значи дека секој лекар, кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе биде вклучен во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот за патронажна нега. Со оваа реформа, младите лекари добиваат можност да стекнат искуство, да бидат платени за својата работа и да добијат можност за вработување веднаш по завршувањето на стажот.

Исто така, Министерството за здравство, уште минатата година обезбеди средства за вложениот труд на приватните специјализанти, со што тие земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Во текот на септември, годинава ќе биде објавен и нов конкурс за приватни специјализанти. Договорено е ваков вид средби да се реализираат еднаш во месецот и на тој начин, преку конструктивен дијалог младите доктори ќе имаат можност активно да се вклучат во сите актуелни и идни процеси во здравствениот систем.

Грижата за специјализантите продолжува и во иднина. Министерството за здравство секогаш е отворено за соработка и комуникација со сите засегнати страни и чинители во здравствениот систем.

Share This Article :

Related Posts