МЗ ФИЛИПЧЕ И СЗО ТАВИЛА: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ИМА ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ СИСТЕМИ ЗА РАНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ВО ОДНОС НА БОЛЕСТИ И ЕПИДЕМИИ ВО ЦЕЛИОТ РЕГИОН

Вчера, во канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО), Министерот за здравство Венко Филипче одржа координативен состанок со шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје Џихан Тавила и претставници на агенциите на Обединетите Нации: UNDP, UNFPA и  UNICEF кои имаат директна поврзаност со системот на здравство.

 

Во врска со корона вирусот Филипче изјави дека целиот систем е подигнат на високо ниво на будност и дека се следи секоја информација којашто доаѓа, како од релевантните странски институции, така и од соседните земји.

„Соработката со СЗО продолжува и понатаму. Во овој момент е актуелно прашањето на епидемијата од корона вирус. Многу е тешко сега да се претпостави кога епидемијата ќе го достигне пикот, има се повеќе и повеќе нови случаи, пред сé во Кина. Можам да кажам дека ние сме целосно подготвени да се соочиме со овој предизвик. Целосно е спремен здравствениот систем во смисла на превенција и препознавање на случаи, патници коишто биле во контакт со заразени пациенти. Имаме организиран систем со кој авио-компаниите ни укажат на тоа доколку некоја група патници доаѓа од Кина. Кај нас, ниту пак во регионот нема сомнителни ниту позитивни на корона вирус. Целиот систем е спремен, како превентивниот систем така и системот на препознавање и системот на транспорт. Спремни се одделенијата во инфективните болници, имаме во овој момент сосема доволно опрема, во фаза сме на набавка и на дополнителна медицинска опрема, како и заштитна во случај да тоа се изнуди како потреба и се појави еден или повеќе заразени пациенти.“ –  истакнува Филипче.

„Би сакала повторно да ги уверам сите дека одблизу ја следиме ситуацијата, капацитетите на земјата се подготвени во случај на можно појавување на корона вирусот. Системот за рано предупредување и рана интервенција е прилично добар. Ние велиме дека Северна Македонија има еден од најдобрите системи за рано предупредување во однос на болести и епидемии во целиот регион.“ – изјави Тавила.

Засега, Министерството за здравство има информација за двајца наши државјани коишто се позитивни на корона вирус, еден член на екипажот на јапонскиот крузер хоспитализиран во јапонска болница, но со лесна клиничка слика и уште една наша државјанка којашто е во изолација во болница во Франција. За нивното враќање дома Министерството за здравство ќе биде навремено известено од тамошните власти, по што ќе бидат преземеме сите потребни мерки.

Share This Article :

Related Posts