НОВА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА НА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ЗА ДИГЕСТИВНА ХИРУРГИЈА

Современа медицинска опрема, која се состои од два столба – специјални апарати за лапароскопска хирургија и нови хируршки инструменти од денеска се ставени во употреба на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија.

Станува збор за т.н столбови, кои се наменети и ќе најдат примена во прецизната лапароскопска хирургија. Покрај столбовите, за оваа Клиника се набавени и хируршки инструменти, како и нова современа технологија која ќе се употребува секојдневно во трите операциони сали. 

За таа цел, министерот за здравство, доц.д-р Венко Филипче ја посети Клиниката, а заедно со лекарите и персоналот беше презентирана новата опрема.

– Ако земеме во предвид дека станува збор за многу софистицирана технологија,  тоа значи дека набавката на оваа опрема значително ќе го унапреди квалитетот на пружање здравствена заштита. Истовремено набавката е важна со оглед дека столбовите за лапароскопска хирургија со години не се обновени. Поконкретно, столбовите не се обновени во изминатите 27 години (од 1992 година). Но, со новите апарати и инструменти на лекарите ќе им биде олеснета работата, а пациентите ќе добијат поквалитетна услуга, истакна при посетата министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и додаде дека средствата за оваа намена се обезбедени од Министерството за здравство.

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Зоран Караџов вели дека новата опрема е врвот во развојот на технологијата во лапароскопската хирургија и овозможува изведување на најсовремени минимално инванзивни процедури, од кои најголема полза имаат пациентите.

-Ние како тим, имаме обврска и задоволство што ни е дадена можноста да ги следиме најсовремените трендови во областа на дигестивната хирургија, се за доброто на пациентите. Во име на вработените на Клиниката за дигестивна хирургија би сакал да изразам благодарност на Министерството за здравство и на министерот Венко Филипче за реализацијата на овој проект, изјави директот на клиниката.

За потсетување, покрај вложувањето во софистицирана опрема, Универзитетската клиника за дигестивна хирургија е комплетно реновирана со што значително се подигнати стандардите за лекување и третман на пациентите во оваа установа.

Станува збор за реновирање на двата спрата на Клиниката за дигестивна хирургија, односно оддел А и оддел Б.

Покрај ова, реновирани се сите тоалети со нова санитарија на овие два оддели и заменети се старите со нови врати. Во рамки на реконструкцијата, се направени и нови пултови, поставени се нови држачи во ходниците, а комплетно се репарирани и бојадисани сите внатрешни врати. Одделението е реновирано со помош на Јапонска амбасада, но и со донации од општествено одговорни компании и лица.

Оваа клиника претставува успешен пример, како со добро менаџирање и заедничка соработка, може да се унапредат условите за престој и третман на пациентите.

Сподели на:

Related Posts