ОД ДЕНЕС ИМАМ СЕСТРА, НЕЈЗИНАТА МАЈКА МИ ДАДЕ БУБРЕГ И НОВ ЖИВОТ-ВЕЛИ ЕМРИ, ПАЦИЕНТОТ СО ТРАНСПЛАНТИРАН БУБРЕГ

Тоа што може да донесе една минута не може ни година, велат постарите. Само една минута и требало на скопјанката Маре да ја донесе оваа важна одлука, да ги донира органите на починатата мајка.
Сега таа минута трае долго за двете момчиња, во кои живеат бубрезите на нејзината мајка.
Денеска, на Европскиот ден на органодарителството Маре Кежаровска првпат ја сподели својата приказна и за тоа како нејзината, сега почината мајка, тетка Таци спаси два живота.
–    Тоа е животот. Мајка ми почина на 2 јануари годинава, а на 4. ти кога и беше роденден, нејзините два бубрега почнаа нов живот во телата на двајца мажи. Денес го запознав едниот од нив, ми рече сестро. Иако слабо зборува македонски, му прочитав од насолзените очи што сакаше да ми каже. Јас го прегрнав и нежно ја ставив раката на неговиот грб, таму некаде уште е жива мојата мајка.  Иако тагата за загубата уште е многу силна, донирањето на нејзините органи и тоа што тие одлично работат во телата на други двајца, ми ја олеснува мислата па и денот, вели Маре.
До неа денес, како браќа стоеа Емри ( 27) и Сашко (36), кои повеќе од 4 години се пациенти на дијализа.

Како велат животот одново им почнал годинава, кога тетка Таци, како последица од мозочен удар,починала, но за нив оставила нов живот.
-Еве тука од десната стана ми се наоѓа бубрегот. Од денес имам сестра Маре, таа ми е фамилија. Првпат денес ја видов, се вознемирив, не знаев што да и кажам. Решив само да ја прегрнам и да и кажам нешто. Но, слабо зборувам македонски, па затоа само реков сестро моја. Сега плачам, оти ми е тешко не знам зошто, но инаку сум многу силен. Од денес имам сестра, нејзината мајка ми даде нов живот и ми ја остави во аманет. Имало живот за мене, благодарен сум на тетка Таци и на Господ, така требало да биде. Сега зад мене е дијализата, и можам да размислувам за нов почеток во мојот живот, можеби ќе се оженам, додава Емри од тетовското село Селце.


Годинава се извршени четири успешни трансплантации на бубрези од кадавер, или донор на органи кој доживеал мозочна смрт.
Министерството за здравство, го поддржува органодарителството и деновиве почнува голема кампања за подигнување на свесноста  кај здравствениот кадар , како и кај населението.
Министерот за здравство, доц д- Венко Филипче денес на Европскиот ден на органдарителството изјави дека нема ништо поважно од животот, а со подарувањето  орган некому се дава шанса за нов живот.
–  Поттикнувам органодарителство, тоа навистина можат да го направат исклучителни луѓе кои ги осознале вистинските вредности на живеењето. Следната година ќе ја посветиме на кампања на подигнување на свеста за органодонорството во нашата земја. Секој подарен орган е спасен живот. За нас, како Министерство за здравство ова е мотивот за работа. Сериозниот пристап и ставот кој го имаме кон вакви чувствителни теми, како и досега се императив и ќе продолжиме во таа насока. Секој спасен живот е мотив да продолжиме да работиме за унапредување на здравствениот систем , изјави министерот Филипче.

Сподели на:

Related Posts