ОД СТРАНА НА ДСЗИ ВО ПЕРИОДОТ ОД 30.03-05.04.2020 ГОДИНА ИЗВРШЕНИ СЕ ВКУПНО 91 ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОРИ ОД КОИ 79 ВО ЈЗУ И 12 ВО ПЗУ

Министерството за здравство информира дека согласно заклучоците на Владата на РСМ донесени со цел спречување на внесување и ширење на инфекцијата со Ковид-19, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во периодот од 30.03-05.04.2020 година извршени се вкупно 91 инспекциски надзори од кои 79 во ЈЗУ и 12 во ПЗУ.

Направен е увид по однос на опременост на здравствените установи со лична заштитна опрема како и користење на истата за време на работниот процес.

Сите се опремени со доволни количини на заштитни маски и ракавици за еднократна употреба, капи, мантили за еднократна употреба, визири, каљачи.

Здравствените установи за болничко лекување имат обезбедено и скафандери за еднократна употреба . Обезбедени се и се користат средства за дезинфекција на работни површини и дезинфициенси за раце.

При  инспекциските надзори од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не се констатирани неправилности по однос на користење на личната заштитна опрема од страна на здравствениот персонал.

Во однос на количините на заштитната опрема, Министерството за здравство обезбеди заштитна опрема за јавно здравствените установи и продолжува да го прави тоа во континуитет. Министерството обезбеди заштитна опрема и за матичните лекари кои ги вклучи во системот на детекција и следење на пациенти заболени од коронавирус.

Сподели на:

Related Posts