ОПШТАТА БОЛНИЦА КУМАНОВО ДОБИ АПАРАТ ЗА РАНА ДИЈАГНОСТИКА НА ОШТЕТУВАЊА НА СЛУХОТ КАЈ НОВОРОДЕНЧИЊА

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче денеска ја посети кумановската болница по повод донацијата на апарат за рана дијагностика на оштетувања на слухот кај новороденчињата во Општата болница Куманово. Донираниот апарат значително ќе придонесе кон навремена дијагноза и соодветен третман за можните оштетувања на слухот кај новороденчињата.

Годишно на одделот за акушерство и неонатологија во оваа болница се раѓаат околу 1.400 деца, а ваков вид на преглед беше достапен само на Клиниката за уво нос и грло во Скопје. Донацијата е реализирана од ЕВН со поддршка на Project HOPE во Македонија.

„Квалитетен живот значи квалитетно здравство. За постигнување на оваа цел, задолжителна е поддршката на сите чинители во општеството. ЕВН треба да послужи како позитивен пример за компаниите во приватниот сектор со тоа што ја препозна потребата за донирање во здравството. Но, Project HOPE се оние кои помогнаа да се насочи соодветно добрата волја на приватните донатори. Нивната долгогодишна поддршка на македонското здравство е од огромно значење, а посебно улогата во унапредувањето на здравјето на мајките и бебињата, каде што е насочен и нашиот фокус како министерство и како влада. Верувам дека заедно можеме многу да придонесеме за подобрување на здравствената услуга во целост“, изјави Министерот за здравство, д-р Венко Филипче.

Свое обраќање имаше и Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија кој истакна дека апаратот што се донира денес е задолжителна опрема на неонаталните одделенија во Западна Европа и истиот е според највисоки европски стандарди. Според него, најбитно е што на родителите, чиишто деца се раѓаат во регионалната болница во Куманово, им скратуваме една грижа во најсензитивниот период од животот. Тие досега за ваков преглед мораа да патуваат до Скопје и тоа дури откако ќе забележат проблеми во слухот кај нивните деца. Исто така тој истакна голема благодарност до Project HOPE за тоа што укажаа каде е неопходна нашата помош, но и  пружија поддршка во реализација на оваа донација.

На настанот присуствуваше и Јан ван ден Берг од Project HOPE Германија кој посочи дека ЕВН е редок пример во Македонија што ја практикува оваа форма на одговорно донирање. Тој потсети дека Project HOPE во континуитет ги опремуваат и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир. Овие напори се во рамки на глобалните цели на организацијата, а тоа е здравјето на мајките и бебињата.

Share This Article :

Related Posts