ОТВОРЕН 39. СОСТАНОК НА ОДБОРОТ НА ГЛОБАЛНИОТ ФОНД ЗА БОРБА ПРОТИВ ХИВ, МАЛАРИЈА И ТУБЕРКУЛОЗА

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче го отворија 39. состанок на Одборот на Глобален Фонд за борбата против ХИВ, туберкулоза и маларија пред 300 делегати од целиот свет.

-Крајно време е да обезбедиме средина, која нема да ги осудува ниту, пак, ќе ги дискриминира лицата болни од ХИВ или од туберкулоза. Само на тој начин ќе гарантираме заштита и остварување на основните човекови права. Владата на Република Македонија водена од концептот „Едно општество за сите“ вложува напори да создаде општество ослободено од предрасуди. Секој од нас е различен и посебен на свој начин. Болеста не треба да биде мерило за тоа каква е една личност, истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на отворање то на дводневниот состанок на Одборот на Глобалниот фонд, кој почна денеска во Скопје. 

Присуството на повеќе делегати од сите страни на светот укажува на фактот за почит кон Владата на Република Македонија и Министерството за здравство и за успешното справување со ХИВ вирусот и со туберкулозата како два големи здравствени, но и општествени проблеми.

– Во изминативе 14 години за борба против ХИВ и туберкулоза за Република Македонија се издвоени како фонд дури 34 милиони долари. Почнувајќи од оваа година Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена Владата за 2018 година издвои 1,5 милиони евра или три и пол пати повеќе во споредба со минатата година, рече Заев.

Со тоа, потенцира, Република Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите против ХИВ и туберкулоза од страна на државата. Нагласи дека со овие средства Министерството за здравство создало услови да продолжи имплементацијата на сите превентивни програми кои во изминатите години се спроведувале токму со финансиска поддршка и помош од Глобалниот фонд.

– За одбележување е податокот дека програмите за превенција се направени и во текот на оваа година ќе се имплементираат заедно со претставници од 15 граѓански организации и организации на засегнатите групи на граѓани. Во нашиот регион се соочуваме со релативна нивна стапка на ХИВ и на туберкулоза. Токму ниската стапка на болни донекаде ни ја олеснува работата – со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме, истакна Заев.

Инвестирајќи во заштитата на долг рок ќе се спасат поголем број човечки животи. Според него, државното финансирање мора и натаму да се зголемува и на тој начин ќе гарантира долгорочна одржливост на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза и ќе опфатат поголем број на засегнати граѓани.

Министерот за здравство Венко Филипче презентираше  дел од заклучоците, произлезени од состанокот, потенцирајќи дека тој се одржува во време кога високата политичка заложба за превенција од ХИВ и туберкулоза е исклучително важна во Југоисточна Европа. Во моментов, земјите ја зголемуваат државната финансиска поддршка, додека Глобалниот фонд ги поддржува земјите со највисоки стапки на овие болести, а со помал економски капацитет.

– Бидејќи зајакнувањето на одржливоста е тековен процес, дијалогот од овој министерски состанок треба да продолжи во рамките и меѓу земјите на политичко и техничко ниво со вклучување на различни сектори, вклучително и засегнатите заедници и граѓанското општество, додаде Филипче. 

Извршниот директор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и турбекулоза, Питер Сендс рече дека Глобалниот фонд направил огромен придонес работејќи со многу партнери кога станува збор за намалување на смртноста и распространетоста на овие болести.

Share This Article :

Related Posts