ПАЦИЕНТИТЕ НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА ВО СТАБИЛНА СОСТОЈБА, ВО МОМЕНТОВ СЕ ТЕСТИРААТ 12 ЛИЦА

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за состојбата со корона вирус во Република Северна Македонија.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има 7 пациенти. Сите се со стабилна, лесна клиничка слика и никој нема потреба од механичка вентилација. Контролниот тест на пациентката што иницијално беше прва пациентка кај нас е негативен и таа во следните денови ќе биде пуштена на домашно лекување. Во моментов се тестираат 12 пациенти. Двајца на Инфективна клиника се дојдени со знаци на грип, и двајцата патувале во Италија и дошле здрави пред 5-6 дена. Во текот на утрово развиле симптоми и се земени материјали за испитување. 8 лица од Дебар кои што се соседи на тројцата заболени пациенти хоспитализирани претходно, и имале интензивни контакти со тие пациенти од Дебар. Се тестираат уште двајца пациенти, еден од Инфективното одделение во Штип, тоа е пациент со знаци за грип од Кочани, што исто така патувал во Италија, како и еден пациент преку Центарот за јавно здравје во Прилеп. За некаде два часа сите резултати ќе бидат готови, по што ќе ја информираме јавноста“, потенцираше министерот Филипче.

Отсуството кон работодавецот на работникот се регулира со потврда издадена од градинка односно училиште, на име на родителот со назнака за времето во кое таа важи со цел да се оправда отсуството.

„Во однос на прекинот на работа на дневните центри за згрижување лица со попреченост, сакам да укажам дека ослободувањето од работни активности на родителот на децата, односно лицата со попреченост е проширено и на овие деца односно лица. Тие се обично до 26 години. Значи важат и за родителите на лица и деца кои се сместени и користат услуги во центрите за попреченост. Исто како и за родителите на децата од градинка или од училиште, ќе треба да се даде потврда дека се корисници на таа услуга“, рече министерот Филипче.

Здравство, армија, полиција, пожарна не можат да отсуствуваат од работа, освен ако двајцата родители не се во дејностите. тогаш дозволено е отсуство на едниот родител.

„Значи доколку двајцата родители работат во рамки на ист сектор ќе треба едниот да биде ослободен од работа, и самохраните родители исто така, треба да се ослободени од работа. Се наметна прашањето дали овие мерки со оглед на тоа што се препораки освен за државни, важат и за приватните компании, напоменувам дека важат за сите заради тоа што ваква мерка е со цел да се заштити јавното здравје. Мора да важи за сите, непочитувањето ќе биде санкционирано и согласно членот 205 и 206 од Кривичниот законик за опасност од ширење на заразни болести“, истакна министерот Филипче.

Филипче повторно упати апел да се црпат информации од пресови преку кои граѓаните се секојдневно информирани за состојбата со корона вирус.

„Во секое време сме достапни за информации. Жал ми е што излегоа и бевме сведоци на некои лажни вести и шпекулирања. Сметам дека треба да се избегне тоа и да не се создава непотребна паника. Пред болестите сме сите исти и затоа сите носиме иста одговорност. Апелирам сите да се придржуваат до мерките кои вчера ги препорачавме. Нашето здравје и неговата заштита останува наш највисок приоритет и интензивно работиме во изминатиот период. Уште еднаш ги повторувам мерките а тоа се задолжителна 14-дневна изолација доколку некој доаѓа од ризичните региони, одржување лична хигиена, често и темелно миење на рацете, дезинфекција на рацете“, потенцираше министерот Филипче.

Сподели на:

Related Posts