ПОДОБРЕНА ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА НА ДЕВОЈЧЕТО СО ДИЈАБЕТЕС ОД ОХРИД

Здравствената состојба на 14-годишното девојче од Охрид со дијабетес тип 1 кое во сериозна состојба со кетоацидоза беше примено на КАРИЛ се подобрува и тоа спонтано дише. Ова денеска на прес-конференција го истакна заменик министерот за здравство, д-р Асим Муса.

Заменик министерот посочи дека 14-годишното девојче од Охрид, како и уште две деца на возраст од три години од Свети Николе и на возраст од девет години од Гевгелија кои со зголемено ниво на шеќер во крвта беа хоспитализирани во Клиниката за детски болести, се новооткриени.

– Денеска ја посетив пациентката на КАРИЛ, таа е стабилна, состојбата се подобрува, таа е при свест и при крајот на денот ќе биде екстубирана. Сите три случаи се новооткриени, првпат отишле на лекар за нивната здравствена состојба и во матичните установи било откриено дека имаат дијабетес, но согласно правилата бидејќи се деца, тие се испратени на Клиниката за детски болести, каде најстручно се третираат, истакна Муса.

Тоа не е лекарска грешка во постапка на лекување, посочи Муса и додаде дека треба да преземат мерки за едукација на матичните лекари, а посебно во семејни услови.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Сотирова Бухова рече дека по добиените информации за трите случаи тие вчера постапиле и веднаш ги известиле инспекторите кои отишле на терен во подрачните единици во градовите.

– ДСЗИ спроведува инспекциски надзори кај матичните лекари на сите три деца односно во Охрид, Гевгелија и Свети Николе без оглед што едното дете е пуштено и е дома. Во тек е инспекциски надзор и во општите болници во кои тие деца се препратени пред да бидат донесени на Детската клиника односно на КАРИЛ, истакна д-р Сотирова Бухова и потенцира дека ги очекуваат извештаите од терен.

Доколку тие извештаи иницираат друга постапка ќе испратат соодветно барање до Министерството за здравство за формирање вонвреден стручен надзор.

Ендокринологот д-р Марина Крстевска Константинова од Детската клиника рече дека има знаци за дијабетес кои и семејствата и лекарите мора да ги препознаат, а тоа се зголемено мокрење, пиење многу вода, јадење премногу и слабеење.

– Планираме од септември да спроведеме едукативна програма за едукација на медицинскиот кадар и заедно со здруженијата да едуцираме и граѓани, по школи, градинки со цел најлесно да се препознаат децата кои се под опасност да развијат дијабетес тип 1, додаде д-р Крстевска Константинова.

Share This Article :

Related Posts