ПУШТЕНИ ВО УПОТРЕБА ДВА НОВИ АПАРАТИ НА КЛИНИКАТА ЗА ОЧНИ БОЛЕСТИ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска ја посети Универзитетската клиника за очни болести по повод ставање во функција два нови апарати, Рет кам фото-камера за рана детекција на ретинопатија кај предвремено родените деца и ангиограф за детекција на промените во крвните садови кај одредени болести како што е глаукомот. Станува збор за прва камера од овој тип во Република Северна Македонија, која претставува нов златен стандард за дијагноза на прематурна ретинопатија.

Со оваа медицинска опрема нашата држава е ставена на светската офталмолошка мапа за современа дијагноза на прематурна ретинопатија, како и нејзин навремен третман. Клиниката за очни болести претставува позитивен пример за работа на јавна здравствена установа, каде во континуитет се вложува во унапредување на условите за работа, во современа апаратура, како и едукација на високо квалификуваниот медицински кадар. Конкретно, станува збор за апарат за преглед на предвреме родени деца, со која се зголемува точноста на дијагнозата за 35%, се намалува можноста за појава на слепило кај предвреме родените деца и претставува целосно интегриран систем, кој овозможува следна генерација на офталмолошка визуелизација,фотодокументација и леснотија при користењето.

Апаратот, задно сегментно ОЦТ со автофлуресценција и ангиограф со свап ќе овозможи брзо, точно и навремено поставување на дијагнозата, што е основен предуслов за успешен третман. Покрај здравствениот аспект, како институција, во која се изведува и наставна и научно-истражувачка дејност, методата ќе овозможи и едукација на помладите кадри и користење на апаратот за подигнување на квалитетот на лекување на пациентите како континуирана примарна цел на здравствените работници.

Универзитетската клиника за очни болести Скопје го следи трендот на развојот на модерна офталмологија во технички и технолошки развој во насока на брза, навремена, безболна, бесконтактна дијагностика, со можност за правење датотека на податоци и можност на комуникациска поврзаност со други офталмолошки центри. Во тек е доедукација на медицинскиот персонал од странски едукатори, кои обуката ја вршат на Клиниката за очни болести, каде клиничките лекари ги извршуваат прегледите. Од неодамна е набавен и трет апарат – предносегментно ОЦТ со свап сорс.

Сподели на:

Related Posts