СИТЕ ДОЗИ ОД МРП ВАКЦИНАТА СЕ СО ДОБАР КВАЛИТЕТ И ОД РЕНОМИРАН ЕВРОПСКИ ПРОИЗВОДИТЕЛ

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче и директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Ќахил Ибраими на денешната прес-конференција информираа за актуелната состојба со морбили во Скопје и за наодите од извршениот инспекциски надзор во вакциналните пунктови во здравствените домови.

Во однос на наодите од вонредниот инспекциски надзор, министерот за здравство Венко Филипче потенцираше дека сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномиран европски производител. Само кај мал дел, односно 1 процент од вкупниот број вакцини се најдени декларации од постара серија, која производителот претходно ја внесувал во државата.

„Како Министерство за здравство и јас лично ќе ги преземам сите мерки, кои се во рамки на сегашната правна регулатива, да се справиме со настанатата ситуација. Ќе преземеме се што треба и можеме за да покажеме дека сме сериозна власт, која на прво место го става здравјето на граѓаните и нема да дозволиме со ништо да биде загрозено“, потенцираше министерот Филипче.

Министерството за здравство официјално ги извести МАЛМЕД и сите здравствени домови, со цел да се утврдат причините за техничкиот пропуст, а компанијата-увозник Македонијалек веќе соопшти дека спроведува внатрешна истрага.

Залепените декларации биле од претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година, но секое шишенце вакцина има така наречен воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок.

Директорот на МАЛМЕД, Ќахил Ибраими истакна дека вакцината е оригинал и воопшто не станува збор за никаков фалсификат, туку за техничка грешка, за која по извршените проверки, МАЛМЕД ќе постапи согласно законската регулатива.

Министерството за здравство има должност и обврска да се грижи за здравјето на сите граѓани на Република Македонија. Особено за јавното здравје, да поттикнува вакцинација на населението како една од придобивките на современата медицина и грижа за колективниот имунитет.

Родителите и граѓаните можат да бидат спокојни и слободно да продолжат со имунизацијата на своите деца. Вакцините имаат проверен квалитет и два сертификати за безбедност, и се со исправен рок на траење. Сите вакцини со погрешната декларација се повлечени од здравствените домови.

„Од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) до денеска, вкупно се хоспитализирани 19 пациенти. Во моментов, на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби имаме 11 пациенти, кои се во стабилна состојба. Од нив, четири се деца и денеска ги пуштаме на домашно лекување, бидејќи нивната здравствена состојба овозможува да си одат дома. Инаку, денеска се примени уште две деца, едно 18 месечно од градинката „Фидани“, во Чаир и второто дете на 4-годишна возраст од градинката „Буба Мара“, во Ново Лисиче, и двете деца биле невакцинирани. Исто така, се хоспитализирани и двајца возрасни, на 28 и 30-годишна возраст, од кои едното лице е со примена една доза вакцина, а другото е со непознат вакцинален статус“, информираше министерот Филипче.

Инаку, досега се вакцинирани вкупно околу 1.300 деца со МРП вакцините.

Share This Article :

Related Posts