СО РЕНОВИРАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО ВЕЛЕС, ПАЦИЕНТИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОКВАЛИТЕТНИ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска беше во посета на Здравствениот дом Велес, каде заедно со директорот Николчо Димовски ги посети реновираните простории во Здравствениот дом и комплетно обновената итна медицинска помош. Исто така изграден е и лифт кој значително ќе им го олесни пристапот на лицата со инвалидитет во оваа здравствена установа. 

„Со директорот Димовски разговаравме за натамошно унапредување на дејноста што ја дава оваа здравствена установа, за подобрување на условите и за реновирање на одделот за инфективни болести“, истакна министерот Филипче.

Министерот Филипче и директорот Димовски разговараа за имплементирање на новиот модел на мобилни сервиси. Да се приближат условите до граѓаните, да се надополни сервисот на мобилна аптека, и на тој начин жителите во самите населени места да ги добиваат целокупните здравствени услуги, поблиску до местото на живеење. Со тоа, ќе се олесни пристапот и ќе се зголеми квалитетот на услугата.

„Инвестицијата е со сопствени средства од Здравствениот дом и изнесува 7 милиони денари. Благодарност до Ротари Клубот во Велес, кој што го донираше медицинскиот мебел во итната медицинска помош. Благодарност и на Јапонската амбасада, за вчера потпишаниот грант од 37 илјади евра за 2 медицински возила за транспорт на пациенти“, истакна директорот Димовски.

Министерот Филипче изрази голема благодарност до Јапонската влада за континуираната поддршка во осовременување, подигнување и изградба на здравствениот сектор. 

Сподели на:

Related Posts

јануари 22, 2021

јануари 21, 2021

јануари 21, 2021