СПАСОВСКИ И ФИЛИПЧЕ ВО ПОСЕТА НА ТАБАНОВЦЕ: КОМПЛЕТНО СЕ ПОЧИТУВААТ НАСОКИТЕ И ПРЕПОРАКИТЕ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КОРОНА ВИРУСОТ – СОСТОЈБАТА НА БУДНОСТ И ПОДГОТВЕНОСТ ЌЕ ТРАЕ И ПОНАТАМУ

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заедно со министерот за здравство Венко Филипче и заменик министерот за здравство, Арменд Арслани, денеска го посетија граничниот премин „Табановце“, со цел проверка на системот за превенција од корона вирус на граничниот премин.


Претседателот на Владата Спасовски посочи дека се почитуваат сите насоки дадени од Кризниот штаб за контрола на секој патник којшто влегува на територијата на Република Северна Македонија.


„Денеска сме во посета на граничниот премин Табановце за да ја дадеме поддршката на полициските службеници, на Царинската управа, на Центарот за јавно здравје и на сите коишто практично се справуваат со овие состојби, наметнати од ширењето на корона вирусот. За одбележување е дека се обезбедени посебни соби за изолација на сите гранични премини каде што фреквенцијата е поголема. Сакам да се заблагодарам на сите институции и организации коишто го почитуваат апелот и препораката од Владата за неорганизирање поголеми собири и со тоа се намалува и ризикот од пренесување на вирусот. Уште еднаш апелирам да се почитуваат препораките од епидемиолозите, Центрите за јавно здравје и Кризниот штаб, бидејќи сите заедно низ еден систем којшто одлично функционира можеме максимално да бидеме заштитени. Се разбира дека оваа состојба на будност и на подготвеност, ќе трае и понатаму“, рече претседателот на Владата Спасовски.


Министерот за здравство, Венко Филипче, исто така, истакна дека координацијата е одлична и се заблагодари на припадниците на Министерството за внатрешни работи, коишто одлично се справуваат со оваа ситуација.


„Целосно се почитува алгоритамот за справување со вакви случаи, тоа значи дека се прашува секој патник од каде доаѓа и доколку доаѓа од ризичните региони се прави дополнително интервју дали бил во контакт со заболени лица, дали евентуално патникот има симптоми и доколку има се упатува во посебна изолирана соба, се прави контакт со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје кои потоа, по потреба постапуваат според алгоритамот. Сметам дека ова е одлична координација, продолжуваме и со едукативни часови коишто се одвиваат овде во зградата на полицијата, на доктори од Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје во Скопје со цел да се надградат знаењата на полицајците и цариниците во оваа сфера“, посочи министерот Филипче.


Тој информираше дека првата и единствена пациентка со констатирана заразеност хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, неколку дена е без температура и полека влегува во постабилна фаза од болеста. Исто така, нема нови пациенти коишто во овој момент се тестираат за корона вирусот.


„Новина е што во текот на вчерашниот ден стигнаа контролните резултати од лабораторијата во Германија со која соработуваме, кои ги потврдија сите наши тестови, сите негативни и позитивниот на пациентката, што е обврска како супервизија на работата на нашата лабораторија во рамки на Институтот за јавно здравје. Воедно, набавката на дополнителна заштитна опрема е во тек. Во текот на вчерашниот ден, го потпишавме договорот за дезинфекциските средства и тие веќе од утре ќе бидат дистрибуирани со помош на локалната самоуправа во основните училишта, каде за тоа има потреба“, посочи министерот Филипче.

Сподели на:

Related Posts