СПОЈУВАЊЕ НА ЕКСПЕРТИЗИТЕ ВО ДРЖАВНО И ПРИВАТНО ЗДРАВСТВО – УНAПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА ЗА ДЕЧИЊАТА СО НАЈТЕШКИ СРЦЕВИ БОЛЕСТИ

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, денеска одржаа прес конференција на која беше презентиран нов начин на функционирање на детската кардиохирургија.

– Донесовме одлука договорот на болницата „Жан Митрев“, којшто со години е за извршување кардиохируршки интервенции на возрасни но и на деца, од следната година да се прошири и да ги додадеме и дечињата, коишто со најтешките срцеви болести, досега се лекуваа на Клиниката за детска хирургија, истакна министерот Филипче.

Целта е да се спојат експертизите во државното и приватното здравство, односно да се симне јасната бариера меѓу државните и приватните болници и да овозможиме нашите доктори да може да работат во приватните установи.

Досега овој проект се спроведуваше со странски едукатори, кои најпрво беа од САД, а потоа и од Србија, кои работеа со наши експерти од областа на детската хирургија и ги обучија да работат интервенции во областа на детската кардиохирургија. На тој начин, децата почнаа да остануваат во нашата земја, се надградуваше експертизата на нашите лекари, меѓутоа стануваа недоволни инфраструктурните можности за натамошен развој на оваа струка.

Тој посочи дека со новиот модел дополнително ќе бидат стимулирани и докторите, и медицинските сестри и дека ќе ги споиме експертизите од државното и од приватното здравство. Трошокот на Фондот ќе остане ист, а Министерството за здравство ќе заштеди огромна сума пари, која сега оди кај странските едукатори. По ова, таа странска експертиза нема да биде потребна и очекуваме овој центар да стане регионален центар, заради тоа што со такво ниво на експертиза на сега приватните и јавни доктори, кои сега ќе бидат на едно место, со такви услови на болница, којашто е акредитирана по највисоките американски стандарди немаме конкуренција во целиот регион – во околните земји и земјите членки на ЕУ – таму каде што ние се стремиме.

– Ова е еден модел, којшто искрено очекуваме ќе го преземат и околните земји. Има огромен одлив на кадри во странство, со тоа се соочуваат и Бугарија, Србија, Албанија, Грција до пред некое време, и Косово. Ова се моделите на коишто даваме можност за надградување на знаењето, за развој, нешто што сериозно сметаме дека нашите доктори ќе ги задржи во нашата земја, а на граѓаните ќе им овозможи здравствени услуги, како што и самите во огромен број случаи, бараат навистина добра инфраструктура, која ние до изградбата на новиот клинички центар, во овој момент, за жал, не можеме да ја обезбедиме, потенцираше министерот Филипче.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, истакна дека Фондот во просек обезбедува околу милион евра на годишно ниво за здравствени услуги за детската кардиохирургија на домашната клиника, а во просек се испраќаат годишно околу 20 дечиња во странство за кардиоваскуларни интервенции. Во зависност од состојбата, во просек една здравствена интервенција чини просечно 15 до 20 илјади евра, и тоа се дополнително 300 до 400 илјади евра кои Фондот ги обезбедува за лекување на најмалите пациенти во последните неколку години. 

-Веруваме дека преку овој проект значително ќе можеме да ја намалиме бројката на дечиња, кои се упатуваат за лекување во странство, за овој тип на интервенција. Освен позитивните финансиски импликации, ова ќе претставува и бенефит и ќе придонесе за подобро функционирање на одредена струка во здравството, а ќе влијае позитивно и на домашниот буџет на родителите, на бебињата и децата, бидејќи нема да треба да плаќаат хотели, храна и други трошоци за да бидат во странство заедно со своите деца кои се на лекување, туку ќе бидат дома“, посочи директорот на ФЗОМ.

Воедно, директорот на ФЗОМ информираше дека кардиохируршките операции кои ќе се извршуваат во приватната болница ќе продолжат да бидат на товар на Фондот, како и досега.

Share This Article :

Related Posts