СПОРЕД ЕПИДЕМИОЛОШКИТЕ КРИТЕРИУМИ, ЕПИДЕМИЈА НА ЗАРАЗНА ЖОЛТИЦА ОГРАНИЧЕНА САМО ВО НАСЕЛБАТА ДАМЕ ГРУЕВ, ВО ОПШТИНАТА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Министерството за здравство информира дека Одделението за епидемиологија при ЈЗУ Центар за јавно здравје-Скопје континуирано ја следи епидемиолошката состојба на подрачјето на градот Скопје. Главно, регистрираните случаи на заразна жолтица не се епидемиолошки поврзани. Но, епидемиолошкото истражување покажа дека во населбата „Даме Груев“, општина Ѓорче Петров, од вкупно пријавени 9 случаи на заразна жолтица во периодот од 11.11.2019. до 23.12.2019, 7 случаи се епидемиолошки поврзани.

Со оглед на констатираната состојба и епидемиолошките критериуми за пријавување на епидемија, Одделението за епидемиологија при ЈЗУ ЦЈЗ Скопје пријавува епидемија на заразна жолтица само на подрачјето на населба „Даме Груев“, општина Ѓорче Петров, Скопје. И во општина Шуто Оризари се регистрираат 2 епидемиолошки поврзани случаи (сестрички), но нема индикации за пријавување на епидемија во Општината.

Во периодот од 01.09.2019 – 26.12.2019 година на подрачје на Скопје регистирани се вкупно 68 случаи на заразна жолтица (48 случаи се диференцирани како вирусен хепатитис А и 20 случаи се вирусен неозначен хепатитис) т.е. зголемен број на случаи во споредба со 2016 година истиот период кога биле регистрирани 6 случаи, 2017 со 35 случаи и 2018 година со 28 случаи.

Во однос на дистрибуцијата според место на живеење, се регистрираат заболени лица на подрачје на 12 скопски општини:
Сарај – 16 случаи
Ѓ.Петров – 11 случаи
Аеродром – 9 случаи
Гази Баба – 9 случаи
Ш.Оризари – 6 случаи
Карпош – 5 случаи
Чаир – 4 случаи
ЧучерСандево – 3 случаи
Бутел – 1 случаи
Центар – 2 случаи
К.Вода – 1 случаи
Зелениково – 1 случаи

Од вкупно 68 заболени лица, најголем број (29) се на возраст од 20-64 години, 7 на возраст од 0-5 години, 14 се ученици на возраст од 6-14 години, 16 се лица на возраст од 15-19 години и 2 се над 65-годишна возраст.

Министерството за здравтсво апелира до граѓаните да се следат препораките за санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.

Во училиштата:
– Зајакнато континуирано механичко чистење на објектот,
– Комплетна и континуирана, дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција,
– Континуирано оддржување на хигиената во целиот објект, особено на санитарните јазли,
– Вонредна дезинфекција на санитарните јазли од страна на овластена институција,
– Обезбедување на течен сапун и течен дезинфициенс за раце во санитарните јазли,
– Редовно оддржување на личната хигиена на вработените и учениците (особено редовно и правилно миење на раце со течен сапун и потоа дезинфекција со течен дезинфициенс) и редовно носење на работни одела,
– Правилно манипулирање со брисачите за подовите од страна на хигиеничарките (да се користат посебни брисачи за под во санитарните јазли, од една страна, и училниците и ходниците, од друга страна).
– Редовен санитарно-здравствен преглед на вработените,
– Отстранување од настава на ученици со било какви симптоми на болест,
– Засилена едукација и потсетување на учениците од страна на наставниците, за редовно оддржување на личната хигиена со особено внимание на миењето на рацете.
– Најефикасна превенција за вирусен хепатитис А е вакцинација со вакцина против хепатитис А.

Во домовите на заболените:
– Редовно оддржување на хигиената во домот, во моментов зајакнато,
– Посебно внимание да се обрне на хигиената во санитарните јазли со зајакната дезинфекција,
– Користење на течен сапун и дезинфициенс за раце,
– Посебно внимание да се обрне на оддржување на личната хигиена, особено миењето на рацете.
– По можност, изолација на заболениот и обезбедување на посебен санитарен јазол.

Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје Скопје и понатаму ќе ја следи состојбата и редовно ќе известува за состојбата.

Сподели на:

Related Posts