СРЕДБА НА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА КОМОРАТА НА ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ СО СРЕДНО, ВИШО И ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВОДЕЊЕ НА ЕДИНСТВЕН РЕГИСТАР НА ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ СО СРЕДНО, ВИШО И ВИСОКО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, утрово одржа средба со претставници на Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование на Република Северна Македонија.

Повод за денешната средба на министерот Филипче со претседателката на Комората Виолета Котевска, генералниот секретар Сефедин Алију, претседателот на Одборот на забни техничари Никола Никола Николовски и претседателот на Здружението на медицински лаборанти Клинички центар Скопје Ивица Апостолов, е давање на јавно овластување на Комората за водење на единствен регистар на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование на Република Северна Македонија, како почетен чекор на понатамошната соработка и партнерство меѓу Министерството за здравство и Комората.

„Денешната средба претставува прв чекор и давање на ингеренции за понатамошна соработка со Комората и понатамошно партнерство во креирањето на здравствената политика според европските директиви“, изјави министерот Филипче.

Претставниците на Комората го поканија министерот Филипче да присуствува на „LabQuality 19“, настан кој претставува стручно едукативен собир за зголемување на вештините на здравствените работници и квалитет во лабораториската медицина, кој ќе се одржи на 15 април во Скопје во хотел Александар Палас.

„LabQuality 19“ е поддржан од Министерство за здравство и Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование и е во согласност со препораките на Министерството за континуирана медицинска едукација на здравствени работници во Република Северна Македонија. Целта на настанот е да се илустрира значењето на рационалната лабораториска дијагностика, квалитетот на лабораториската медицина, како и на концептот и начинот на соработка на владиниот сектор и здруженијата на граѓани, со цел подобрување на јавното здравје.

Share This Article :

Related Posts