Д-р Лилјана Којиќ

ТВОЈ ДОКТОР – д-р Лилјана Којиќ од Клиниката за детски болести

„Зошто станав лекар? На ова прашање нема само еден одговор…
Ми се чини дека отсекогаш знаев дека ќе бидам лекар. Од мали нозе сонував за тоа, и тоа беше причина родителите и роднините, бесконечно да ме задеваат. Сепак, од нив на подарок добив малечка лекарска торбичка, а подоцна и вистински минијатурен микроскоп.
Лекарската традиција во моето семејство, иако присутна до пет колена наназад, од мојот чукун дедо, немаше пресудно влијание. Имаше влијание тоа што раснев покрај двајца лекари – татко ми и вујко ми, и се формирав слушајќи ги нивните разговори.
Патот кон одлуката да станам лекар го трасираше и мојата фасцинација од тогашната скопска Воена болница: од беспрекорниот ред и дисциплина, од хигиената, од организацијата на работата, инфраструктурата, опремата, професионалноста, експедитивноста, односот кон пациентите, но пред сè од добрите меѓучовечки односи кои ги красеше тимски дух. Тоа влијаеше да станам непоправлив тимски играч, кој е секогаш спремен својата заслуга да ја вгради во работата на тимот.
Пресудно влијание, сепак, имаа моментите на немоќ кога мои драги луѓе ја губеа битката со болеста. Освен тагата, се чувствував многу немоќно и бев лута на себе што не можам да им помогнам. Се зацврсти одлуката, која во време на матурата веќе ништо не можеше да ја смени. Ниту противењето на моите родители и роднини, дури и на оние кои беа лекари.
И така, пред 26 години се најдов на Клиниката за детски болести во Скопје каде сум и денес, на одделот за интензивна нега и терапија. Работата е исклучително убава и динамична, но е исто така, исклучително стресна и напорна, а умее да биде и многу тажна.
Дали сум имала моменти на криза? Да, токму тогаш кога и покрај сè што сум направила, не сум успеала да сочувам живот. Тоа се тие моменти кога ја чувствувам онаа иста тага и немоќ, како во средношколските денови.
Но затоа, не можам да ви го опишам чувството на исполнетост кое ме обзема кога ќе видам дете, кое било во мои раце, чијшто живот бил загрозен и јас сум му помогнала да ја преброди кризата, како безгрижно вози велосипед, игра фудбал, игра балет, ита со ранецот на училиште, или оди на полуматурска прослава… Тоа прави да знам дека сум исполнила дел од мојата животна мисија.“

Share This Article :