Д-р Салиамет Емини

За време на моите студии по медицина, иако имав афинитети и желба за повеќе области, се одлучив да тргнам по патот на хирургијата, која е предизвик и сон на голем дел од студентите по медицина, но на крајот за неа се одлучуваат само тие кои се подготвени за исклучително исцрпувачка обука и посветеност.

Како специјализант по трауматологија, вработен на Универзитетската Клиника за Трауматологија, ја имав среќата да бидам дел од една динамична средина поставена на цврсти темели на знаење, искуство и ставови, каде стекнувањето на моите вештини како хирург се одвива по една веќе однапред поставена патека, во правец на светските трендови во истата област.

Во јавноста, често хирургијата е погрешно толкувана и неразбрана, а хирурзите гледани како непоколебливи виртуози со скалпелот, со остар поглед и камено срце, кои уживаат во адреналинот од работата. Вистината е многу подлабока од надворешниот изглед, каде еден хирург за време на 24-часовната служба се соочува со многу животни приказни, етички дилеми, комплицирани состојби и брзи одлуки како пред така и за време на хируршките интервенции.

Тајаната на, кај народот познатата, “вешта и лесна рака на хирургот” се крие во знаењето и искуството на хирургот, а резултатите се показател на неговата истрајност во работата, и покрај исцрпувачките часови, ограничените ресурси и нашите индивидуални ограничувања како човечки суштества.
Сметам дека во ниедна друга професија нагонот за подобар перформанс не е толку важен колку што е во медицината, каде што токму тоа додатно количество на грижа може да натежне према страната на успехот во превенцијата и третманот. Верувам дека токму тука се крие и тајната за успешен хирург, безрезервната грижа за пациентот, која сум подготвен да ја дадам, како во операционата сала, така и надвор од неа.

Share This Article :