Д-р Владимир Андреевски

Д-Р ВЛАДИМИР АНДРЕЕВСКИ, супспецијалист, гастроентерохепатолог, универзитетска Клиника за гастроентерохепатологија

Да се биде лекар на место, денеска во Република Македонија е навистина голема и тешка задача, многу потешка, од кога било порано. За тоа треба да се биде пред се човек. Ова од причина што веќе подолго, ние лекарите, живееме и работиме во специфични општествени прилики и време. Ако си роден во семејство на лекари и ако при тоа имаш среќа да си израснат и воспитан во чесна семејна средина, и ако твоите учители – професори биле професионалци и лекари на место, тогаш ги имаш сите предуслови, да се обидеш и ти да бидеш таков. За тоа, секако, се неопходни твоите колеги, кои треба да се твојот тим и беСкрајно да ти помагаат, како и ти ним.

Како што вели Vilhelm Tel: на секој лекар, потребно му е многу знаење и вештини за да ја погоди правата болест, а не болниот. Болеста често е навидум голема, а во суштина мала, зашто пациентот е тој кој е важен и најголем. Максимата „Не ја лекуваме болеста, го лекуваме болниот”, е она што многу од нас лекарите може да го заборават. Ние не сме тука и денес за заболувањата, туку за нашите пациенти.

Паметните лекари рекле: Техничката подготвеност и знаење да се изведе некоја медицинска интервенција, не се најсилниот аргумент, истата да се изведе по секоја цена, зашто медицината најмалку е механика. Ова во насока на фактот дека и најсовремената апаратура и услови за работа, не се гаранција за успешна и хумана медицина.

Artur Shopenhauer рекол – и најсиромавиот кој е здрав, секогаш е, и ќе биде посреќен од болниот крал.

Како и сите мудри лекари во минатото и јас велам:
Лекувај понекогаш, негувај често, а теши ги своите пациенти секогаш, и можеби ќе биде еден ден лекар од тебе.
Како лекар, дај си задача да правиш две работи постојано – помагај или барем во најмала рака, не прави зло.
Секој мудар човек и лекар мора да знае дека здравјето е еден од најголемите благослови на човештвото.
Сите нагли промени се опасни. Секое претерување во медицината како и во животот се опасни. Од таму, само постапниот и рационален пристап во лекувањето на нашите пациенти е сигурен.
Кога на секој поединец во нашето општество би можеле да му пружиме вистинска доза на нега и медицински третман, ниту премалку, ниту премногу, би можеле конечно да го најдеме вистинскиот пат кон здравјето.
И додека животот е краток, стекнувањето професионални вештини во медицината долго, дотогаш вистинската можност да се биде лекар во вистинска смисла на зборот е само момент, а одлуката за правилно расудување и лекување, многу тешка.
Да се разјасни минатото на пациентот, да се разбере неговата сегашност и моментална состојба и да се предвиди неговата иднина, се главните задачи на секој лекар.
Она што може да не „утеши” нас докторите на медицина, кога ќе згрешиме (секој има право на грешка само не лекарот), е дека болеста не може да ја преживее грешката на лекарот, зашто пациентот е тој кој нема да преживее.

А за оние кои имаат прилика да бидат учители во медицината, ќе цитирам мој колега, современик, кој вели: Оној професор, наставник, научен работник, што првин не се научил себе си кој е и зошто застанал зад катедрата, е лош професор, наставник. Другото е техника. Во секој случај највисокото звање е учител. Многу над професорското. Исус, Сократ, Мухамед, Лао Це, Заратустра. Тие биле учители. Секој професор треба да се труди да стигне до звањето учител. За тоа треба да ја отфрли суетата, да биде свесен дека тој е таму да им служи на студентите, на учениците и на своите колеги, а не обратно.

Share This Article :