Д-р Зорица Нановиќ

ТВОЈ ДОКТОР : Д-р Зорица Нановиќ, Институт за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје

Докторите ги избираат патиштата што ги водат до финалната одлука на многу различни начини. Мојот ги влече корените од раната младост, кога за првпат се сретнав со личен сериозен здравствен проблем. Епилогот, за среќа, беше позитивен. Но изодениот пат, заедно со моите родители и мојата докторка Милица, ја вкорени во мене мисијата за помагање на оние на кои животот им доделил слична судбина.
Пробивањето на патот до Хипократовата заклетва е исполнето со море од медицински книги и егзактни податоци за меморирање. Од друга страна, докторската пракса многу често не соочува со здравствени состојби и проблеми што не можат да се најдат во ниту една книга. Затоа, не е лесно ниту едноставно да превземеш одговорност за нечие здравје. Но ние во белите мантили, кои сме се нафатиле да го понесеме ова бреме, го правиме тое безрезервно, со сето срце и душа. Докторското знаење е клучно, но личната поддршка и поттикот на интимната борба, дури и кај нашите најтешко болни пациенти, се тоа што им дава сила да издржат и чувство дека не се сами и напуштени. Славиме со нив кога ќе ја постигнеме највозвишената цел – а тоа е враќање нечија верба во животот. Тагуваме сами, тивко, длабоко, кога ќе ја изгубиме битката…
И продолжуваме понатаму, одново, кон нов предизвик. Постојано потсетувајќи се дека можеме похумано, подобро и повеќе, градејќи ја макотрпно нашата кариера, вградувајќи секој ден по едно камче во мозаикот на медицинската наука, пренесувајќи го наученото на помладите колеги.

Share This Article :