УЧЕСТВО НА МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА НА МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК ОРГАНИЗИРАН ОД СВЕТСКА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА И СЕКРЕТАРИЈАТ НА ЗДРАВСТВЕНА МРЕЖА НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА ВО ТЕЛ АВИВ, ИЗРАЕЛ

Македонска делегација предводена од министерот за здравство, д-р Венко Филипче и државниот секретар, д-р Владимир Милошев, учествуваат на министерски состанок организиран од СЗО и Секретаријатот на здравствена мрежа на земјите од ЈИЕ. 

Домаќин на настанот е Министерството за здравство на државата Израел. Темите на овогодинешниот министерски состанок се обезбедување примарна здравствена заштита за стареење на населението, имунизација, одговор на кризи, инклузија, инвестирање и иновација во здравствениот систем.

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, за време на министерскиот состанок истакна дека имунизацијата е приоритет не само во Македонија, туку и на здравствените системи на целиот регион. Досега беа спроведени неколку реформи, а во следниот период се очекува и имплементација на имунизациска електронска картичка, осовременување на календарот за имунизација и обуки и едукации за педијатрите, родителите и пошироката популација за бенефитите од имунизација.

На Министерскиот состанок беше заклучено дека заедничка визија на земјите од ЈИЕ е да работат кон обезбедување на здравствена заштита за популацијата која старее, како и да работат кон зачувување и унапредување на здравјето на постарите граѓани, да ги спречат болестите и да промовираат здрав начин на живеење. Министерството за здравство ќе работи на подобрување на нивното здравје и пристап до здравствена заштита со формирање на патронажни сервиси, зајакнување на сервисите за геријатриска нега на регионално ниво, како и зајакнување на капацитетите за банско лекување и рекреација. 

Регионална директорка на Светска здравствена организација за Европа, д-р Сузана Јакаб, истакна дека правото на здравје на секој поединец, тежнеењето кон универзална здравствена заштита и реформи во здравствениот систем се клучни и во центарот на целите за одржлив развој.

Министерот за здравство оствари и билатерална средба со заменик министерот за здравство на државата Израел, Јаков Литцман, на која се дискутираше можноста за размена на кадри, едукација во областа на трансплантација и формирање тимови за итна помош и  патронажни сервиси. 

За време на посетата беа остварени и неколку посети во здравствени установи и беше договорена заедничка соработка и размена на кадри. Од септември во соработка со Рабин Медикал Центар ќе почне размена на лекари, со цел обука на нашите кадри во делот на трансплантација, но и во други области од заеднички интерес.

Share This Article :

Related Posts