ВМРО-ДПМНЕ ШИРИ ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА ЈАВНАТА НАБАВКА ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ЈПП ЗА ИНТЕГРИРАНО МЕНАЏИРАЊЕ СО ИНОВАТИВНИ РЕШЕНИЈА ЗА ХИРУРШКИ ЗАФАТИ

Министерството за здравство, најостро реагира до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за прес-конференцијата во која се изнесени бројни невистини и лаги за јавната набавка за воспоставување на јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати.

Имено, идното јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати е економски модел за долгорочно инвестирање во здравствениот систем што ќе овозможи здравствена заштита од болнички инфекции и унапредување на системот за стерилизација и намалување на ризикот од пост-оперативни инфекции.

Согласно физибилити студијата предвидено е формирање на четири Регионални Центри за интегриран менаџмент за стерилизација, се излегува во пресрет на потребите на Универзитетскиот Клинички Центар и за другите болници во државата коишто имаат оперативни блокови.

Согласно предвидената методологија, идниот приватен партнер ќе инвестира 13 милиони евра, а државата е корисник. На тој начин ќе се обезбеди замена на постојната и повеќедецениски дотраена опрема и инструменти со нови, персонализиран комплет стерилни хируршки инструменти за секоја операција, поединечно, стерилен медицински материјал во хируршките сали и дезинфекција на хируршки сали и простории.

Потенцираме, не постои можност да се доведе до прашање здравјето на граѓаните. Напротив, овој модел овозможува намалување на ризикот од инфекции. Исто така, не постои можност да се зголеми цената на услугите за здравството за граѓаните. Единствен фактор којшто би можел да влијае на раст на цените е промената на стапката на инфлација. Други фактори не може да се земат предвид.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, минатата недела соопшти дека по сеопфатното проучување на прибраниот доказен материјал во врска со наводните неправилности при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажува дека нема место за јавнообвинителска интервенција. Јавните набави во Министерството се согласно сите законски постапки.

Од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ бараме да се извинат за невистините и лагите кои ги пласираат во медиумите.

Министерството за здравство, стои на располагање и отворено е за какво било појаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна, паника и се на штета на пациентите.

Share This Article :

Related Posts