ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ СЕ ПРЕКИНУВА ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС И НАСТАВА, А ЗА ЕДЕН РОДИТЕЛ ДО 10 ГОДИШНА ВОЗРАСТ НА ДЕЦАТА-ЌЕ СЕ ДОЗВОЛИ ОТСУСТВО ОД РАБОТА КОЕ ЌЕ БИДЕ ЦЕЛОСНО ПЛАТЕНО ВО ЈАВНИТЕ И ПРИВАТНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за состојбата со корона вирусот и усвоените нови мерки од страна на владата за заштита од овој вирус.

„Утрово имавме состанок на Комисијата за заразни болести на којшто се предложија дополнителни мерки во однос на справување со корона вирусот. Имаме прв случај на локална трансмисија откако тројцата луѓе кои што биле во контакт со веќе хоспитализираните пациенти од Дебар беа позитивни, тие се сместени на Клиниката за инфективни болести. Сега таму се 7 пациенти, во лесна клиничка форма е манифестирана болеста и нема потреба од механичка вентилација кај 6 од нив, а седмата практично првата пациентка е целосно стабилизирана“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека во текот на денот ќе бидат готови и резултатите од контролниот тест, којшто првичниот бил негативен.

Нема нов случај, се тестира една пациентка. Станува збор за 16 годишна пациентка која има неспецифични знаци за горно респираторна болест.

Министерот Филипче, информираше за новите мерки, кои Владата ги усвои на седницата која се уште е во тек:

– Да се прекине воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта на територијата на целата земја во наредните 14 денови.

– Да се ослободат вработените од работните обврски во овие институции.

– За еден родител до 10годишна возраст на децата – ќе се дозволи отсуство од работа кое ќе биде целосно платено во јавните и приватните институции, исто така во следните 14 дена.

– Понатаму се прекинува наставната дејност, процесот во високо-образовните установи на територија на целата држава, како и во јавните научни институти.

– Се забрануваат масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1000 учесници на територија на цела земја во наредните 14 дена, а се препорачува да се откажат и да не се организираат и настаните под оваа бројка.

– Се забранува одржување на спортски натпревари со публика во периодот од следните 30 дена на територија на цела држава.

– Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно-ризични држави во период од 14 дена согласно листата на држави која ја објавува СЗО, а таа секојдневно се надополнува.

– Се забранува извоз на медицинска опрема, медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од РСМ, а во врска со тоа што може да биде потребно за третман на овие пациенти со корона, тоа се вентилатори, респираторни машини, заштитни маски и материјали, за што ќе имаат сите економски оператори соодветна листа, освен со посебна дозвола од Министерството за здравство.

– Препорачуваме на возрасните и повисоко ризични категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.

– Се препорачува избегнување на патување во земјите кои се со висок и среден ризик.

– Понатаму од Државната изборна комисија, вработените во ЈЗУ кои се ангажирани за потребите на изборниот процес истите да ги ослободи од натамошното учество заради тоа што има некои обуки од Државната изборна комисија и тие да бидат заменети со други лица.

– Физичките и правните лица што нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

– Воведуваме health locator карта за сите  авио линии и сите авио превозници, тоа е нешто што важеше досега за авионите од Северна Италија.

– Се забранува организирање меѓународен автобуски превоз со автобус, комбе или минибус кон високо – ризичните земји од и кон Република Северна Македонија.

– Се зајакнува присуството на волонтерите на Црвениот крст на Република Северна Македонија во соработка со Министерството за здравство на сите гранични премини.

Министерот Филипче апелираше да се применуваат мерките за превенција коишто се упатуваат од Министерството за здравство. „Упатуваме препорака од страна на Владата до сите органи на државната управа, до единиците на локална самоуправа и до приватните компании за времен прекин на работните обврски, односно неодење на работно место на бремените жени и хронично болните лица. Владините институции ги прекинуваат сите организирани настани, конференции, патувања. Во сите државни институции со помош на Службата за опти и заеднички работи ќе бидат дистрибуирани средства за дезинфекција. Сите овие мерки ќе бидат објавени на веб страната на Министерството за здравство, на Институтот за јавно здравје и на Владата на Република Северна Македонија“, рече министерот Филипче.

Share This Article :

Related Posts