ЗА ВЕЛЕДРОГЕРИЈАТА „МАКЕДОНИЈАЛЕК“ ПРЕДЛОЖЕНА МАКСИМАЛНА КАЗНА ЗА ТЕХНИЧКАТА ГРЕШКА СО ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА МРП ВАКЦИНИТЕ

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче информираше дека е завршен увидот на инспекторите од МАЛМЕД во сите места каде што беа детектирани МРП вакцини, со добар и проверен рок, но со техничка грешка на декларациите со македонски јазик.

„Го констатираа бројот, извештајот е готов и сега ќе се продолжи во насока на санкционирање на оваа постапка кон веледрогеријата „Македонијалек“. Ќе инсистираме тоа да биде максималната казна, со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип прекршок, кој сериозно го урива угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори. Ова ќе биде укажување за сите, како внимателно да ги следат овие внатрешни процеси“, потенцираше министерот.

Министерот Филипче додаде дека ќе се повикаат на одговорност сите директори на здравствените домови и тие коишто се задолжени за прием на вакцината, а не укажале на овој пропуст и зошто не се детектирала разлика меѓу вистинскиот рок, кој е добар, и тој на погрешната декларација, со цел Министерството за здравство да преземе санкции кон одговорните за оваа грешка.

Во меѓувреме заврши и состанокот со официјалните претставници на компанијата  GlaxoSmithKline, кои имаа увид во вакцината, пакувањето и рокот.

„Компанијата  GlaxoSmithKline нѐ увери дека вакцината е нивни производ, дека рокот е добар и квалитетот е согласно нивните стандарди, потврден со испитување во европски лаборатории, какви што има само неколку во цела Европа и истата вакцина се користи во сите земји на ЕУ“, истакна министерот Филипче.

Видео:  https://www.facebook.com/filipce.venko/posts/2013843165589373

Share This Article :

Related Posts