ЗАПОЧНА КАМПАЊАТА „И РОДИТЕЛСТВОТО СЕ УЧИ“ ЗА ПОДДРШКА НА РОДИТЕЛИТЕ ДА ПОДИГААТ СРЕЌНИ, ЗДРАВИ И ПАМЕТНИ ДЕЦА

Министерството  за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, заедно со Европската унија и УНИЦЕФ, денеска започнаа кампања насловена како „И родителството се учи“. Отворајќи дискусија за детскиот развој и човечкиот напредок, кампањата има за цел да го сврти вниманието кон потребата родителите да се поддржат во подигање самоуверени, учтиви и успешни деца.

Кампањата започна со емотивно видео во кое децата глумат како родителите ги дисциплинираат децата – впечатлив одраз на физичкото и психолошкото насилство што го користат 8 од 10 родители во земјата.

„Родителството не е секогаш лесно. Љубовта доаѓа природно – но, сите докази ни кажуваат дека успешното родителство се учи,“ рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика. „Со оваа кампања сакаме сите членови на општеството да соработуваат за да им се помогне на родителите да станат свесни за потребата да научат родителски вештини кои докажано имаат позитивен ефект врз емотивниот, социјалниот и интелектуалниот развој, врз јазикот, како и врз физичкиот развој кај детето.“

Најновите сознанија во науката покажуваат дека во првите години од животот, човечкиот мозок се развива со брзина која никогаш потоа нема да се повтори. Секое поединечно искуство на детето влијае врз развојот на мозокот и го обликува начинот на кој тоа размислува, чувствува, се однесува и учи во текот на животот. Кампањата „И родителството се учи“ отвора дискусија за овие теми, како и за емотивното приврзување, градењето на карактерот, родителските стилови и ефектите од негативните искуства и стресот врз детскиот развој.

„Кај децата кои доживуваат негативни искуства во раното детство постои поголема веројатност да имаат сериозни здравствени проблеми како возрасни, па поддршката на родителите не е само прашање на заштита и едукација, туку е и прашање на јавното здравство“, рече д-р Венко Филипче, министер за здравство. „Патронажните сестри, педијатрите и семејните лекари се во единствена позиција да им пружат поддршка на родителите и да ги посоветуваат не само за физичкиот развој, туку и за емотивно-когнитивиот развој, затоа што и тие влијаат врз физичкото и менталното здравје на децата.“   

Истражувањето поддржано од УНИЦЕФ покажува дека иако повеќето родители се свесни за штетните последици од користењето насилство при воспитување на децата, тоа не е одразено во праксата. Општествените очекувања за казнување, слабата самоделотворност и немањето пристап до информации за позитивното родителство и детскиот развој се главните причини за продолжување на насилната практика. Кампањата ќе се осврне кон овој недостаток, давајќи им на родителите ресурси за позитивно родителство.

„Повеќето родители знаат дека тие се најважните учители на своите деца, но постои тенденција да се верува дека на децата треба да „им се одржи лекција“ за да научат. Преку програмите за родителство што постојат во училиштата, и образовниот систем, исто така, е посветен на обезбедување помош за родителите да научат позитивни родителски вештини“, рече Арбер Адеми, министер за образование и наука. „Ова за нас е важна стратегија за подобрување на резултатите од учењето кај учениците и за да одговориме на појавата на насилство меѓу децата во и околу училиштата.“

Поддршката за родителите да подигаат среќни, здрави и паметни деца е прашање на заштита на правата на децата да растат во заштитена семејна средина исполнета со љубов и разбирање, и придонесува кон развојот на човечкиот капитал, просперитетот и безбедноста во земјата.

„Кампањата „И родителството се учи“ е за кревање на свеста на родителите и на поширокото општество за негативните ефекти кои насилството, злоупотребата и запоставувањето ги имаат врз развојот на децата. Кампањата исто така обезбедува информации и подигање на свесноста за позитивно родителстов и присптапи и техники во подигањето на децата. На примарната одговорност во развирањето и почитувањето на детските права е пред се кај родителите. Честопати, поради секојдневниот семеен притисок, социјалните проблеми и емоционалната напнатост, децата се тие што страдаат најмогу од насилство во семејството, “ рече Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската унија.

Повеќето родители ретко размислуваат за тоа како нивниот родителски стил влијае врз развојот на детето или како самите тие научиле да бидат родители. Без пристап до веродостојни програми и информации, родителите прибегнуваат кон модели што ги научиле од сопственото искуство.

„Ниедно дете не треба да расте во страв. Стравот го ограничува неговиот потенцијал за развој. Кога целото општество им помага на родителите да израснат деца со здрава приврзаност, деца кои добиваат поттик во својот развој, деца кои веруваат во себе, кои се истрајни, емпатични, знаат како да се справат со разочарувањата, и кои учат и откриваат нови нешта – тогаш ние создаваме животен циклус на лична човечка поврзаност и просперитет, како и понапредни, посилни, поуспешни и побезбедни општества“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Кампањата вклучува видео „Тежината на зборовите“ што го потенцира емоционалното запоставување кое децата вообичаено го трпат. Видеото со родители кои гледаат како децата глумат насилни методи на дисциплинирање, фрла светлина врз тоа дека родителите ја разбираат потребата од промена. Увидувајќи ја потребата на родителите за поддршка, кампањата е осмислена да ја поткрепи ваквата промена, овозможувајќи стручни предавања, ресурси за родителство и можност за учество во родителски настани што ќе се организираат низ земјата во наредните месеци.

Кампањата „И родителството се учи“ е дел од поширокиот напор поддржан од УНИЦЕФ за зајакнување на услугите и програмите за поддршка на родителите, и се спроведува како дел од регионалниот проект на УНИЦЕФ финансиран од ЕУ „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост на Западен Балкан и во Турција“.

 

Share This Article :

Related Posts